Владата во очекување на позитивни ефекти во економијата веќе во првиот квартал: Најава за 23 милијарди денари за капитални инвестиции

Владата очекува мерките за стабилизација на економијата да станат видливи уште во првиот квртал од годината, а од владејачката СДСМ стигнуваат најави за вложување на околу 23 милијарди денари во капитални инвеситции во текот на 2021 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера од Тетово најави дека веќе во првиот квартал од 2021 година ќе се видат ефектите од мерките што Владата, преку државниот буџет, ги презема со цел да се стабилизира економијата, најавувајќи и други средства, покрај 85 милиони евра од државниот буџет за поддршка на економија, за здравствениот сектор и за социјални категории кои ги чувствуваат последиците од ковид-кризата.

Премиерот Зоран Заев на Фејсбук објави дека Владата усвоила Програма за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинствата за 2021 година, со која се предвидени 52 милиона денари за надомест на трошоците за набавка на сончеви колектори, за ПВЦ или алуминиумски прозорци, за печки на пелети и за фотонапонски панели за производство на електрична енергија.

– Предвидено е да се искористат 52 милиона денари за надоместување на дел од трошоците за купување и вградување на: сончеви термални колекторски системи во домаќинствата до 30 отсто, но не повеќе од 10.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 15.000 денари по домаќинство; ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство; печки на пелети во домаќинствата до 50 отсто, но не повеќе од 20.000 денари по домаќинство и до 70 отсто, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство и фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 киловати за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30 отсто, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство, наведе Заев.

Во исто време, владејачката СДСМ преку партиско соопштение најави продолжување на инвестициите во инфраструктурата и во капиталните проекти.

– Во Буџетот за 2021 година за капитални инвестиции се планирани околу 23 милијарди денари, што е за 20 проценти повисоко во однос на минатата година, наведува партијата.

Меѓутоа, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од досегашните анти-кризни пакет мерки, се реализирани само 50 отсто од средствата, немало никакви капитални инвестиции и економијата била доведена до колапс.

– Без работаа останаа 54.000 работници и уште толку не земаат редовно плата поради погрешните економски политики во време на криза кои се сведоа на гол популизам и изборна корупција. Дури 6.200 компании згаснаа во 2020 година, а над 500.000 граѓани живеат во сиромаштија со само две евра на ден, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот