Тркалезна маса -Воведување на уставна жалба / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Владата не размислува да го отвори Уставот, не се исполнети политичките услови, смета Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека Владата не размислувала за отворање на Уставот, бидејќи политичките услови за тоа не биле исполнети.

Тој беше дел од денешната тркалезна маса „Воведување уставна жалба?“, каде своето присуство го окарактеризира како „силна порака“, а за промената на Уставот рече дека е „политичка тема која во случајов вклучува правна тема, односно потреба конечно Уставниот суд некако добие своја тежина во самиот Устав“.

„Од првиот момент на осамостојување до денес ова се провлекува. И сега ние сме дојдени до ситуација кога тоа што претставува товар на минатото треба да го решаваме и ќе го решиме кога ќе се создадат политички услови. Сега во моментот такви политички услови не се создадени. Еве да бидам попрецизен. Претпоставуваме дека Уставниот суд веќе размислува како приближно би изгледала архитектурата на специјалниот закон. Се надевам дека набргу денеска може да се излезе со таков предлог-закон, да се има јавна дебата, да се чуе мислењето на јавноста и на стручната фела, да има готов документ и кога ќе има политички услови за такво нешто, да биде донесен, во моментот Владата не размислува за отворање на Уставот и политичките услови за тоа не се исполнети“, рече Мицкоски.

Последно да му е, Мицкоски нема намера да менува Устав

Во однос на воведувањето уставна тужба, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во изјава за медиумите истакна дека со премиерот имаат заеднички став дека неопходни се институционални реформи и дека треба да се создадат услови за таквите реформи.

„За воведување на уставна тужба неопходно е уставна измена. Значи, само со уставна измена може да се воведе таква надлежност на Уставниот суд, бидејќи Уставниот суд на Македонија е единствен на европско тло што нема закон за уставен суд. Значи, шест уставни одредби и акт на судот. Толку. Правната рамка е таа. Неопходно е тие шест уставни одредби да се операционализираат со закон, но не било каков закон. Двотретински закон за да ја гарантира самостојноста и независноста, но и за тоа е потребна уставна измена“, рече Костадиновски.

Тркалезна маса -Воведување на уставна жалба / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Според него, и за закон треба уставна основа, што ќе се носи со двотретинско мнозинство, и за воведување на уставната тужба потребни се уставни измени, но, дополни, кај нас отворањето на уставот е секогаш чувствително прашање и тема.

„Затоа конечниот заклучок, барем според мене, е дека кога ќе се создадат услови, тогаш и ќе пристапиме кон таква институционална реформа“, нагласи Костадиновски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот