Владата наложи да се одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија

Влада зграда
Фото: Архива на „Слободен печат“

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со „корона“ вирусот на Министерството за здравство, и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесе повеќе заклучоци од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните.

На седницата е утврден заклучок Министерството за здравство, да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Овој центар ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата, и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на корона вирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.

Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само  преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот.

Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските  градинки и јавните тоалети.

Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни  училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во  Италија, како и да  организира едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.

Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на  граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.

Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот