Владата на следната седница ќе ги разгледа барањата на мајките за продолжување на породилното отсуство

Револтирани родители протестираат пред Владата/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Владата на следната седница ќе ги разгледа барањата на мајките кои инсистираат породилното отсуство да им биде продолжено до крајот на годинава, за да не ги доведат во ризик своите најмили да се заразат од коронавирусот во пресрет на есенскиот ризичен период. Тие на протест вчера го изразија незадоволството од ненадејната одлука на владата да не ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести која посочи дека породилното отсуство би било добро да трае барем и во наредните три месеци. Ако не им се исполни ова главно барање, мајките најавуваат протести секој ден почнувајќи од понеделник.

Тие, како што велат, се во незавидна ситуација, ставени меѓу два огна, дали да се борат за егзистенцијата или да ги одберат своите деца. Со транспаренти ,,За нашите деца ги спремавте монтажните болници”, ,,Комисијата за заразни болести не ви е валидна?” и ,,Вашите деца не се поважни од нашите”, на протестот излегоа околу 150 жени. Иако одзивот се очекуваше да биде поголем, на протестот беше кажано дека притисоците од работодавачите биле огромни, па тие што не дошле тоа го направиле зашто се плашат од откази. Дури во триесет градинки дел од мајките биле одбивани за да ги запишат малите во јасли, поради немање место и биле ставени на чекање. Онлајн петицијата за продолжување на породилното отсуство ја потпишаа над 3.330 родители.

Аргументите на мајките се дека во пракса нема да се зголеми бројот на деца во група во градинките од шест до дванаесет, па така за дел од децата, особено во Скопје и други густо населени општини, нема да има ниту место да се запишат. Голем дел од нив веќе наишле на затворени врати и биле ставени на листа на чекање, иако имаат помалку од недела дена додека да се вратат на работа. Тие исто така се незадоволни што само една недела пред да почне да ја спроведува својата одлука, владата им ја соопшти на мајките.

– Периодот на адаптација на бебе да тргне во градинка не е една недела, туку еден месец, за навика на храна и нови ликови. Кога ќе има повторни уписи за оние мајки на деца чии мајки беа на породилно и немаа потреба да ги запишат во градинка? Дел од нив отстапија место за оние на кои им е попотребно. Во време на пандемија е огромен ризик да се изнајми лице да ви ги чува децата, а бабите и дедовците се кревка категорија, рече Милена Дабеска Симовска на протестот.

Мајките прашуваат кој ќе ја покрие платата на мајка чие дете ќе се разболи од коронавирус во градинка и ќе мора да оди во изолација, дали тоа ќе го стори фирмата или државата. Поради тоа што нема кој да им ги чува децата, а се очекува да се вратат на работа од 23 месецов, околу 150 мајки си дале отказ и го одбрале детето пред егзистенцијата.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче веднаш после протестот се сретнаа со родителите и разговараа за нивните барања кои ќе бидат разгледани на следната владина седница.

– Сепак, јас останувам на ставот дека состојбта со вирусот ќе трае и дека мора да се навикнеме да живееме со него. Мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес, вели Филипче.

Министерката Шахпаска уверува дека има доволно простор за приоритетните групи, односно за децата на самохраните мајки и за семејствата во кои двајцата родители работат.

„Градинките имаат капацитет за безбедна и целосна грижа на сите деца. Според Протоколот предвидовме приоритет за оние семејства на самохрани родители и двајца вработени, на кои тоа навистина им е неопходно. Градинките имаат капацитет од 19 000 места, а како приоритетни пријавени се 14 555 деца. Тоа значи дека бројката од самиот почеток не беше целосно исполнета, а имавме и случаи кога децата не престојуваа во градинка, а беа пријавени како приоритетни“, вели Шахпаска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот