
Владата ќе побара од ЕК мониторинг на предметите „Монструм“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“
Владата ќе испрати писмо до Европската комисија (ЕК) и ќе побара мониторинг на судските случаи „Монструм“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“, „Алфа“, а можеби и за „Никола Младенов“ и „Љубе Бошковски“. Премиерот Димитар Ковачевски ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека имал средба со независниот пратеник Скендер Реџепи, на која разговарале за судските предмети, за кои пратеникот се сомнева дека се политички монтирани.
Препорачано
Тоа што не му успеа на претседателот на Алтернатива Африм Гаши за една година, му успеа на Реџепи по само една средба со Ковачевски. Премиерот, пак, обезбеди поддршка од Реџепи за реконструкција на Владата, бидејќи токму писмото од Владата до ЕК е условот пратеникот да гласа за изменетиот состав од министри. Ова беше едно од клучните барања на Алтернатива при влез во Владата лани и дел од договорот за владина коалиција помеѓу експремиерот Зоран Заев и Гаши.
Премиерот не прецизира за кои предмети Владата ќе побара мониторинг.
„Со Скендер Реџепи имавме средба, на којашто разговаравме за одреден број случаи за кои постоеше јавна дискусија. Јас во ниту еден случај не сум се мешал во одлуките на правосудството. Ниту тоа ќе го правам, ниту пак ќе бидат консултирани правосудни странски органи. Единствено нешто што може да се направи е до Европската делегација да се испрати писмо за одредени случаи дали тие имаат начин да направат мониторинг врз тоа како тие случаи се водени. Доколку има таква можност, тогаш тоа можат да го направат во рамки на директивите на ЕУ, доколку одговорат на тоа. Сепак, писмото единствено има намера да докаже пред сите дека ние имаме правосудни органи коишто функционираат независно“,изјави Ковачевски.
Како што веќе објавивме, откако писмото ќе биде допрецизирано, Владата ќе го испрати до ЕК.
Според информации на „Слободен печат“, се очекува Реџепи поддршката за Владата да ја ефектуира и со функционерски позиции кои ќе се договараат по реконструкцијата на Владата. Ова би значело дека освен заменик министерот за култура, Диам Лучи, кого Ковачевски не го разреши, а е кадар на независниот пратеник, Реџепи се очекува да добие гаранции дека може да препорача кадри за некоја позиција на државен секретар или за директорски места во установи и јавни претпријатија.
Заменик министерот за култура, Диам Лучи остана на функцијата, но се откажа од својата Алтернатива и го обвини Гаши дека самиот одлучил партијата да излезе од владината коалиција само затоа што се разрешува, како што напиша, „неговиот пријател Беким Сали“.