Владата ќе му ја предаде Централната пошта на Градот, впечатливиот објект треба да се претвори во младински центар

Освен овој проект, градоначалникот Ѓорѓиевски соопшти дека како дел од подготовките за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, во тек е реконструкцијата на скопското Кале, каде ќе се одржуваат најголем дел од настаните, како и активности и реставрација на делови од Старата скопска чаршија, потоа Аквадуктот, кој треба да премине во, како што вели тој, летна арена.

За зградата на Централната пошта, која значително беше оштетена во пожарот во 2013 година, Владата води постапка да го предаде нејзиното владение на Град Скопје, соопшти неодамна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, по што тој култен објект треба да се реконструира и да се пренамени во Младински простор (хаб) за потребите на проектот „Скопје-Европска престолнина на културата“.

„​Настани ќе има и во Поштата, еден од најкапиталните објекти во Град Скопје, кој ќе остане симбол за град – престолнина на културата. Во постапка сме со Владата да ја преземеме ние, да бидеме оние коишто ќе владеат со истата и ќе биде претворена во младински хаб, но и симбол на Скопје – Град престолнина на културата. ​Туризмот ќе се зголеми, ќе имаме што повеќе посетители“, изјави Ѓорѓиевски.

ВИДЕО | Проект во најава: Култната „Пошта“ ќе стане мултифункционален културен центар

Овој проект за реставрација на Централната пошта е можеби и еден од најважните, земајќи предвид дека објектот во 2021 година се најде на листата од седумте најзагрозени споменици во Европа, која ја оформуваат „Европа Ностра“ и Европската инвестициска банка.

-Зградата на Централната пошта претставува сè она што е програмата „Седумте најзагрозени“, а тоа е културен објект од извонредно значење кој претставува симбол на повторното раѓање на градот после земјотресот. За жал, овој објект потребно е да се роди по вторпат – изјавија тогаш од одборот на „Европа ностра“.

Како дел од поддршката од ЕУ за реставрација на овие објекти, уште тогаш беше објавено дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување, но Централната пошта не доби некоја позначителна реставрација, туку само потврда од Европа, која воедно беше и опомена за властите да не допуштат овој впечатлив, но сега опожарен објект, да отиде во заборав.

11 декември 2020 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

На 8 август 2024 тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир се сретна со вицепремиерот Александар Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговараа за реставрација на централната зграда на „Македонска пошта“ во центарот на Скопје, а по состанокот Николоски изјави дека објектот на Централната пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија и токму затоа треба да биде зачуван, реставриран, но и да ја зачува неговата основна форма.

Николоски и Гир се заложија за реконструкција на централната Пошта

„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат, ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред сѐ стручно знаење како и сериозни средства. Но, централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција“, рече Николоски по средбата.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Најавени многу проекти, ќе живне и киното „Милениум“

Освен овој проект, градоначалникот Ѓорѓиевски соопшти дека како дел од подготовките за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, во тек е реконструкцијата на скопското Кале, каде ќе се одржуваат најголем дел од настаните, како и активности и реставрација на делови од Старата скопска чаршија, потоа Аквадуктот, кој треба да стане, како што вели тој, летна арена.

„Настани ќе се одржуваат и на ​Аквадуктот, едно место што е вистински симбол на Град Скопје и реткост во Европа, таков еден споменик да имаме ние останат, тоа е водоводот од римско време. Ќе биде претворен во летна сцена, летна арена којашто ќе биде примамлива и за скопјани, за луѓето од Македонија, но и за луѓето од Европа да можат да го посетат“, најави Ѓорѓиевски.

Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија

Градоначалникот соопшти дека веќе е започнат процес за обнова на култното градско кино „Милениум“, за кое Ѓорѓиевски изјави дека до септември треба повторно да биде отворено за посетители.

Повторно ќе се отвори киното „Милениум“, најавува Ѓорѓиевски

„Сакам да истакнам, ексклузивно, дека преку Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО) се обезбедува проектот за градското кино. Веќе сме во постапка. Имаме обезбедено средства од буџетот на Град Скопје, а тендерската постапка е или веќе распишана или ќе биде во наредните денови. Се надевам дека до септември ќе биде ставено во функција. Тоа е добар рок ако се земе предвид дека долго време не функционираше, а таму имаше и несоодветни услови“, рече градоначалникот.

Како дел од подготовките за проектот „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, Градот Скопје овие денови е домаќин на градоначалниците на италијанскиот град Горица и на словенечкиот Нова Горица, како и на претставници од германски Кемниц, градови што веќе ја имале оваа титула, кои заедно со претставници на Европската Унија разменуваат совети и искуства за организирањето и подготовката за овој голем и значен проект за главниот град, но и за државата.

Градоначалници на градови што биле европски престолнини на културата споделуваа искуства и совети во Скопје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот