ВИДЕО | Проект во најава: Култната „Пошта“ ќе стане мултифункционален културен центар

Шалтер салата се најде на листата на 7 најзагрозени споменици во Европа/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Централната пошта во Скопје ќе стане мултифункционален културен центар, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Тој истакнува во објавата на Фејсбук дека во позитивна атмосфера поминала средбата помеѓу министерот за транспорт и врски Александар Николоски, државниот секретар на министерството за култура и туризам, Марија Ѓоргова и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир.

„На средбата беа изразени заложбите за заеднички ангажман и целосна посветеност за откочување на процесите за реализација на конзерваторско-реставраторските работи на Шалтер-салата од Централната пошта во Скопје. Објектот на Шалтер-салата претставува своевиден белег на постземјотресно Скопје и урбаниот развој на градот. Ова ремек-дело на архитектот Јанко Константинов настрада во пожар во 2013 година. За жал, тогаш беа целосно уништени монументалните кубистички мурали со сцени од Народноослободителната борба на македонскиот народ, дело на доајенот на македонскиот сликарство, Борко Лазески, истакнува Љутков.

Тој очекува дека со конзерваторско-реставраторски работи на ова културно наследство да се врати сјајот на објектот кој потоа ќе биде адаптиран во Мултифункционален културен центар со содржини кои ќе ја збогатат културната понуда на Скопје.

Пожарот ги изгоре надежите

„Пошта“ како акционерско друштво во државна сопственост последниве децении се соочува со криза во работењето поради нестручно менаџирање, што беше констатирано и во ревизорските извештаи. Во периодот пред корона пандемијата „Пошта“ успеваше некако да ги сервисира услугите за граѓаните и редовно да исплаќа плати за вработените, но по 2020 година евидентно е дека друштвото е во слободен пад, со постојани штрајкови на вработените со главно барање за повисоки плати, со честа смена на директорите, со нови непродуктивни вработувања и неможноста поштенската компанија да се трансформира во современа која ќе нуди брз, меѓународен проток на пратки и стоки, кои се особено популарни во последните години покрај традиционалните поштенски услуги.

Централната пошта во центарот на Скопје делумно беше девастирана во пожарот во 2013 година кога изгоре целосно впечатливата шалтерска сала и кога неповратно беа загубени уметничките дела, муралите на еминентниот македонски уметник Борко Лазески, со партизански мотиви. Тогаш потонаа и надежите дека „Пошта“ со своите скромни приходи од се помалкуте услуги ќе го реконструира најубавиот и најраскошниот дел од целината која е архитектонско дело на Јанко Константинов, проектирана во 70-тите и завршена некаде во 1981 година.

Имено, архитектот Константинов, дизајнира кружна експресивна форма која наликува на лотосов цвет, излиена од натур бетон. Централниот простор кој служеше за прием на странките беше покриен со купола, а по пожарот остана само бетонската конструкција и спомените дека тука сега каде што летаа гулабите и кадешто меѓу бетонските пукнатини растат треви некогаш била импознантна пошта.

Во ноември 2022 Централната Пошта и Телекомуникацискиот центар кој е исто така дело на архитектот Констатинов беа официјално класифицирани како културно наследство.

Пожарот целосно го уништи стаклениот покрив на Шалтер салата и ентериерот, а помалку е уништена само салата за меѓународни телефонски разговори, како и канцелариите од другата страна на оваа сала кои и сега ги користат вработените и раководството на Пошта.

Инаку, шалтер салата се најде на листата на 7 најзагрозени споменици во Европа, изготвена од Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Во техничкиот извештај објавен минатата година се опишува моменталната состојба и се даваат препораки и насоки за идна реновација.

Идејата руинираната сала на „Пошта“ да си го врати својот сјај но со нова намена како културен простор за уметниците и креативците не е нова, но досега не се реализираше иако пред три години, со светлосната инсталација направена од дизајнерот Мартин Димитријев на кровот на зградата блесна барем надворешно.

Погледнете како во моментов изгледа внатрешноста на шалтерската сала на Пошта:

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот