Витаминот што може да го забави стареењето — научниците открија изненадувачки ефект на витаминот Д
Витаминот Д би можел да помогне во забавување на процесот на стареење и да придонесе за подобро здравје во подоцнежните години, покажува ново истражување.
Препорачано
Научниците откриле дека секојдневното внесување 2.000 интернационални единици витамин Д помага во зачувување на теломерите – мали структури на краевите од хромозомите кои ја штитат ДНК при делењето на клетките.
Теломерите често се споредуваат со пластичните врвови на врвките за обувки, бидејќи спречуваат оштетување на генетскиот материјал. Со текот на времето тие природно се скратуваат, а кога ќе станат премногу кратки, клетките престануваат да се делат и умираат.
Пократките теломери веќе долго време се поврзуваат со болести што најчесто доаѓаат со стареењето, меѓу кои рак, срцеви заболувања и остеоартритис.
Истражувањето, спроведено на Универзитетот „Аугуста“ во САД, опфатило 1.031 лице со просечна возраст од 65 години. Во текот на пет години, научниците ги следеле нивните теломери, при што половина од учесниците земале витамин Д, а останатите плацебо.
Резултатите покажале дека кај групата што земала витамин Д, теломерите биле зачувани за околу 140 базни парови повеќе во споредба со плацебото.
Освен што е важен за здравјето на коските и апсорпцијата на калциум, витаминот Д има значајна улога и во имунолошкиот систем. Претходни истражувања покажале дека суплементите со витамин Д можат да помогнат во намалување на респираторните инфекции, особено кај луѓе со недостаток на овој витамин.
Сепак, научниците предупредуваат дека е прерано витамин Д да се смета за „чудотворен лек“ против стареењето. Тие нагласуваат дека најсилните фактори за здраво стареење и понатаму остануваат правилната исхрана, физичката активност, квалитетниот сон, избегнувањето цигари и контролирањето на стресот.
Експертите додаваат и дека оптималната доза витамин Д зависи од повеќе фактори, како возраста, начинот на исхрана и постојното ниво на витамин Д во организмот.


