Вишокот витамин Д може да биде опасен, научниците предупредуваат на сериозни ризици
Витаминот Д, познат и како „сончевиот витамин“, може да има и темна страна. Исто како што неговиот недостаток може да предизвика здравствени проблеми, така и прекумерниот внес може да биде опасен, пишува „Саенес алерт“.
Препорачано
Научниците со години предупредуваат дека не секому му се потребни додатоци со витамин Д, а во одредени случаи, високите дози може да бидат токсични, особено кај деца и постари лица.
Со зголемената популарност на суплементите, сè поважно е пациентите и лекарите да внимаваат на дозата и можните последици. Иако ризиците се ретки, тие се во пораст, а во најлоши случаи можат да бидат и животозагрозувачки.
Што се случува при вишок витамин Д?
Прекумерниот внес на витамин Д ја зголемува апсорпцијата на калциум, што може да доведе до хиперкалцемија, состојба при која калциумот се таложи во артериите и меките ткива. Ова го зголемува ризикот од камења во бубрезите, го нарушува метаболизмот на коските и предизвикува симптоми како гадење, повраќање, запек, замор, мускулна слабост и болки во коските.
Во најголем дел од случаите, состојбата се повлекува по прекин на суплементите и со соодветен третман. Но, ако не се лекува, може да доведе до откажување на бубрезите или дури и фатално крварење.
Некои истражувања покажуваат дека постарите лица со високо ниво на витамин Д имаат и поголем ризик од падови.
Колку витамин Д е премногу?
И покрај бројните студии, научниците сè уште немаат единствен став за тоа која количина е премногу.
Сепак, експертите од Медицинскиот факултет на Харвард препорачуваат 15 до 20 микрограми (600–800 ИЕ) дневно за повеќето луѓе и да не се надминуваат 100 микрограми (4.000 ИЕ) дневно без лекарски совет.
Во многу случаи, токсичноста настанува поради грешки во дозирањето. Забележани се случаи каде пациенти по грешка земале неделна доза секој ден, што довело до сериозни компликации.
Во Данска, пак, беше повлечен суплемент со доза 75 пати поголема од препорачаната, при што околу 20 деца развиле симптоми на токсичност.
Во САД, од 2000 до 2014 година се пријавени над 25.000 случаи на токсичност од витамин Д, со значителен пораст во последните години.
Природни извори и препораки
Витаминот Д најчесто се создава во телото преку изложеност на сонце, што обезбедува околу 90 отсто од потребите. Остатокот доаѓа од храна како масна риба и збогатени млечни производи.
Лекарите советуваат, доколку има недостаток, прво да се внесува преку храна, бидејќи така ризикот од предозирање е многу помал.
Како и секогаш, пред да започнете или прекинете со било каков суплемент, се препорачува консултација со лекар.
Ако витаминот Д не го земате заедно со овие намирници, залудно го консумирате


