Винисиус нема мир: Судир со тренерот, навивачите, а игрите трпат
Реал Мадрид и Винисиус – никако да фатат подолг период без тензии. Тренерот на „кралскиот клуб“, Чаби Алонсо, успеа да го тргне притисокот од себе со победите над Алавес, Талавера и Севиља.
Препорачано
Сепак, шпанските медиуми фокусот го префрлија на офанзивецот на Реал, Винисиус Жуниор.
Проблеми на теренот, проблеми со однесувањето – не е тешко да се слушнат и спорадични свирежи од навивачите на Реал упатени кон својот фудбалер. Истото се случи и пред почетокот на саботниот натпревар со Севиља, но и на самиот крај.
„Свирежи имало и порано, а веројатно ќе ги има и во иднина, но она што се случи синоќа може да претставува пресвртница за сè што следува кога е во прашање иднината на Винисиус“, тврдат шпанските медиуми.
„Ова беше нешто сосема поинакво – реакција на огромно мнозинство од публиката. Целиот стадион се сврте против него, речиси без задршка, со само по некој осамен аплауз. Овој пат, додека одеше кон клупата, Вини не реагираше – делуваше сериозно, речиси отсутно од сè што се случува околу него.“
Алонсо се обидува да најде начин подобро да ги вклопи Винисиус и Килијан Мбапе – нешто што Реал не успеваше да го направи ниту под водство на Карло Анчелоти. И Вини и Мбапе се офанзивци кои речиси ништо не придонесуваат во дефанзива и двајцата преферираат игра од левата страна, со слични движења, што дополнително го нарушува балансот на екипата.
„Аргументите се разликуваат, но околу една работа има речиси целосен консензус – Винисиус Жуниор заслужи сериозно предупредување. И го доби, јавно и гласно. Тоа е сликата на вечерта, онаа што симболично става точка на 2025 година“, пишува „Ас“.
Винисиус веќе 15 натпревари по ред не знае за гол. Во светот на технологијата, големо внимание се посветува и на социјалните мрежи – а спортистите понекогаш токму преку нив испраќаат „пораки“.
Со тоа се занимаваат и шпанските медиуми – Вини ја смени профилната фотографија на Инстаграм, на која беше во дресот на Реал, и ја замени со фотографија во дресот на бразилската репрезентација.
„Кратко, мистериозно, отворено за секакво толкување. Така завршува една епизода што јасно навестува дека ова е само почеток на подолга сага. Винисиус е во пламен.“
Винисиус редовно го искажува своето незадоволство, а наесен дури имаше и инцидент и влезе во судир со Алонсо.
Бразилецот оваа сезона одигра 24 натпревари, со учинок од пет гола и седум асистенции. Има договор со Реал до летото 2027 година.
Неодамна шпанските медиуми пишуваа дека несогласувањата со Алонсо, како и огромните финансиски барања, се дел од причините поради кои сè почесто се зборува за можна промена на средината.


