ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „SunChaser“ – Револуционерна иновација на паметен чадор на младиот скопјанец Мисини
Исак Мисини од Скопје, по професија политиколог и млад иноватор, стои зад една навистина интересна иновација – „SunChaser“, паметен чадор што сам го следи сонцето и создава сенка, додека истовремено произведува и електрична енергија.
Препорачано
Идејата за „SunChaser“ се родила сосема природно – на плажа, за време на летен одмор. Исак, како и многумина, едноставно сакал да се одмори.
– Бев на летен одмор во Турција, на море. Истоштен од претходно, од ковид, затворање, поради тоа што имавме полициски часови, решив тој одмор да биде само за одморање и релаксирање, да не станувам многу од лежалката. Но сонцето не мирува, па така постојано морав да го преместувам чадорот бидејќи се менува и положбата на нашата сенка – објаснува Мисини.

Додека бил студент на втора година на Факултетот за политички науки, дознал за повик за учество на претприемачка школа во Словенија.
– Во втора година, на Факултетот по политички науки, дојде до мене еден отворен повик за претприемачка школа, за камп во Република Словенија, каде што може да се аплицира со некоја идеја. Најдобрите идеи ќе беа селектирани, да можат, токму во Република Словенија, со нивно финансирање, да се поминат првите две фази – објаснува Мисини.
Тука се раѓа идејата што може да направи вистинска промена на плажите низ светот и да му помогне на Исак да го формира и да го реализира концептот.
– И така се роди идејата за еден таканаречен ‘паметен чадор’. И тоа перфектно ми се поврза со претходниот повик што го споменав – вели Мисини.
Исак влегува во потесниот круг иноватори каде што и почнува да работи на развојот на „SunChaser“ – чадор што автоматски се позиционира во однос на движењето на сонцето.

Според Мисини, визијата и концептот биле мошне едноставни. Првично, идејата била да се програмира чадорот така што ќе ја следи претходно пресметаната положба на сонцето во текот на денот.
– Сакаме каде и да биде пласиран тој чадор на Земјината топка, веднаш да може да го лоцира сонцето и после да може да го следи низ целиот ден – вели тој.
Така бил создаден и првиот прототип, кој го тестирал со неговиот ментор – мини верзија на чадорот што докажал дека концептот функционира.
– Земавме најобичен чадор, го купивме од продавница и го вградивме нашиот механизам на него и успешно ја поминавме втората фаза, која ја поминува секој стартап, секој бизнис, а тоа е првиот прототип. И сега сме во фаза на градење минимално прифатлив продукт, кој ги исполнува минималните функционалности и минималните безбедносни услови за да може да биде пласиран пред купувачите – додава Мисини.
Првата фаза „доказ на концепт“ била успешно завршена. Чадорот преку вградени фотоволтаични панели успеал да произведува и електрична енергија, која корисникот може да ја користи за полнење мобилни уреди.

Во моментов „SunChaser“ се наоѓа во фазата на MVP (minimum viable product), каде што Исак и неговиот тим работат на безбедносните аспекти на финалниот дизајн.Исак веќе преку лични контакти го пронашол и својот прв заинтересиран клиент – на албанското крајбрежје, а планира да се прошири кон Хрватска и кон други земји во крајбрежјето.


