ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Светската баскет-легенда „Д Професор“: Сè е улична кошарка
„Слободен печат“, во соработка со Ред Бул Македонија, реализираше ексклузивно интервју со едно од најголемите и највлијателни имиња во светот на уличната кошарка – легендата на АНД1 (AND1), „Д Професор“ („The Professor“).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Вистинското име на „Професорот“ е Грејсон Буше (Grayson Boucher), а неговата кошаркарска приказна започнува речиси од моментот кога проодел.
„Почнав да играм кошарка кога имав две години. Татко ми ми ја даде топката и шутирав на мало кошче, како Лери Брд“, раскажува тој.
Светската сцена го препозна преку турнејата АНД1 Микстејп („AND1 Mixtape“), каде што се приклучи на АНД1 во 2003 година за време на нивниот натпревар „Survivor“. Неговиот углед во стритболот достигна легендарни височини откако постигна победнички гол во „Медисон Сквер Гарден“ за време на турнејата во 2003 година.
„Ме забележаа, тргнав на турнеја, учествував во едно од првите реални шоуа и на крајот го освоив. Така започна мојата кариера“, вели The Professor, објаснувајќи како од локален играч стана глобално препознатливо име.
Неговата техника е препознатлива по контролата, тајмингот и потезите кои ретко кој може да ги повтори.
„Најтешкиот потег што го правам е зад грб – меѓу нозе. Јас го викам ‘телепорт’. Не познавам никој друг што го прави тоа“, вели смеејќи се.

Тој додаде дека како дете тренирал дури по четири до шест часа дневно. Секојдневие и дисциплина со која го докажа и неговиот успех.
И покрај годините, The Professor и денес останува активен, но со поинаков пристап.
„Кога ќе поминеш 40 години, не можеш да бидеш во сала по три-четири часа. Или играм еден до два часа, или работам тренинг надвор од теренот“, објаснува тој за „Слободен печат“.
Интервјуто го снимивме на спектакуларните кошаркарски терени во Дубаи, за време на светското финале на Red Bull Half Court – глобален настан кој ја слави уличната кошарка. Атмосферата совршено се вклопи со неговата филозофија: игра што создава моменти за паметење.
„Најнезаборавно е кога ќе направиш потег, публиката ќе втрча на терен и сите знаат дека се случило нешто посебно“, вели тој.
Според него, уличната кошарка нема строги дефиниции, само адреналин, техника и добра игра, без разлика дали си на асфалт, на бетон или под рефлектори.
„Сè е улична кошарка. За некои тоа е АНД1, за други е играње надвор, но најчесто луѓето мислат на нешто ефектно и атрактивно.“


