ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Радески тажен за Тажево: Да дојдеше војската на време ќе се спасеа повеќе од пет куќи
Да стигнеше војската на време, ќе се спасеше повеќе, со насолзени очи зборува за огнената стихија во селото Тажево, доброволецот Бобан Радески.
Изгоре цело село, пренесуваа сите медиуми на тој кобен ден 5 август 2024 година.
Пожарите пеплосаа огромна површина во областа Порече. Од шумските предели пламените јазици наеднаш се спуштија и кон викенд населбата. Радески бил сам во селото и почнал да гасне со голи раце. Во борбата со џиновските пламени јазици и црниот опасен чад ризикувајќи го сопствениот живот овој човек ќе остане запаметен по тоа што успеал да спаси пет куќи во селото кои ќе сведочат за големата трагедија.
Радески е со потекло од Тажево, неколку години откако е преселен во Скопје, но секоја слободна прилика со семејството заминувале да уживаат во убавата природа.
-И тој ден, кога се случи првиот пожар бев тука во Тажево. Сим ми мѝ се јави и ми вели: Гаснеш во Тажево? Јас помислив дека се шегува со мене, кога излегов што да видам, гори Јасен! Дојдоа пожарникарите, локалното населениe веднаш се активираше, но оганот беше посилен од нас. Среќа заврна дожд, но по неколку дена пак почна да гори. Tогаш пожарот се прошири и во Тажево и Борова Брезница во шумскиот дел, за набрзо да се спушти и кај куќите. Страшно беше – раскажува Радески за „Слободен печат“.
Огнената стихија не стивнуваше со денови речиси еден месец траеше борбата.
-Војската доаѓаше секој ден накај 9-10 часот, ама тој ден не знам зошто дојде дури во 15 часот. Тогаш огнот се спушти и до куќите. Тргнав да гасам сам, сам бев во селото, кога дојдоа да ме евакуираат пожарникарите, тогаш стигна војската, но веќе беше доцна, цело село изгоре – зборува нашиот соговорник.
Десетици куќи, стари македонски огништа некои и по сто години кои биле функционални останаа пеполасани во просторот. Навидум стари куќи, но ако се погледне од друг агол тоа биле објекти со историска вредност. Голема површина на шумска вегетација замина во заборав.
Радески проблемот го гледа во инфраструктурата и апелира до надлежните што поскоро да го решат тој проблем.
-Тој пат е промашена инвестиција, многу се изгуби време, патот е лош и се кружи 14 километри, по многу опасни кривини, а од другата страна не знам зошто не го пуштат тој пат, за пожари, за недај боже побрзо ќе се стига, вака се изгуби богатство од време – вели тој.
На прашањето дали се разговара за пошумување на овој предел Радески немаше одговор, вели нiкој засега не го споменува тоа.