Зоран Поповски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Професорот Поповски прв Македонец потпретседател на COST, организација со 60.000 научници од светот

Што е COST? За каква организација станува збор? За прв пат Македонец е потпретседател на оваа организација и претседател на нејзиниот Управен одбор. Што значи тоа за Македонија, македонската наука и за научната фела? Дали има и други научници од Македонија коишто се членови на ова организација? Утрово на оваа тема во емисијата „Слободен печат“ зборуваме со професор доктор Зоран Поповски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

-COST постои од 1971 година и Македонија стана членка во 2002. Во овој момент, покрива 60.000 научници низ целиот свет. Освен Европскиот континент, соработка се воспоставува и со така наречени партнер држави како што се Јапонија, САД, понатаму Австралија, Северна Африка. Во моментов организацијата субвенционира 60.000 научници во 254 проекти или акции кои се финансираат преку оваа организација. Седиштето е во Брисел. Највисоко тело, е комитетот на високи претставници од 41 земја, а со тајно гласање, тие бираат Управен одбор којшто се состои од 7 членови. Јас бев првоизбран за подпредседател од Македонија којшто воедно ја има и функцијата на претседател на бордот на директори или на управниот одбор-вели Поповски.

Тој вели дека целта на членството на земјава е да покажеме не само во ова област туку и во други области, дека тука има луѓе, има квалитет кој може да управува со тие европски структури.

Зоран Поповски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– COST има една специфика. Таму може во секој момент научникот да се вклучи во тековните проекти, не мора да чека да биде одобрен проект. Тоа е една работа. Друга работа, има три клучни точки околу коишто се врти активноста на COST. Тоа се извонредност, втората работа е интердисциплинарност и третата може да биде и најважна, се младите научници-вели Поповски.

Средствата кои може да се користат се за покривање на трошоци за научни престои во врвни научни установи кои учествуват во реализација на проектот, публикации. Единствено што не се финансира, тоа е инфраструктура, опрема и плати.

-Со годишен буџет во овој момент од околу 70-80 милиона евра, ги покриваме потребите на 60.000 научници. Уште поважно, она што ќе биде мое залагање, во иднина е да го спуштиме нивото на учество и кај актуелните студенти, да не се тоа само млади научници. Во завршна година од студии, кога пројавуваат одредени квалитети за истражувачка работа, уште тогаш да видат што е наука-вели Поповски.

За една од првите задачи која ја има пред него е да се обиде да обезбедиме услови за враќање на некои наши научници преку оваа програма коишто се надвор од Македонија и да обезбеди средства да добијат одредена поддршка да се вратат дома. За тоа каде е науката и дали конечно научниците го добија местото кое го заслужуваат во земјава Поповски вели дека за жал, најголем дел од нашите научници се и универзитетски професори, што не е добро за една држава.

Зоран Поповски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

– Научници треба да има и во стопанството, и во финансиски институции. Многу пати сум рекол, дека не е виновен научниот кадар. Државата треба да се обрати кон научниците и да побара помош во стратешки сектори, енергетика, заштита, загадување на животна средина, транспорт, производство на храна, лекови-вели Поповски.

Со него зборувавме и за финансирањето на научни трудови, за студирањето на наши студенти во странство. Тој смета дека многу средства се одлеаја од државата за таа намена за кои не е убеден дека ќе се вратат.

За квалитетот на нашето високо образование вели дека многу е несериозен пристапот на државата кон него.

– Ќе прокоментирам една безначајна работа. Обично слушам радио во кола, кога возам и слушам запишете се на најдобриот универзитет. По што најдобар? По дрескод, по машните. Не може со таков пристап, несериозен, на државата и особено на институциите, вие да очекувате квалитетно образование-вели Поповски.

Објаснува дека има факултети со енормен број на студенти кои не можат квалитетно да следат настава, а од друга страна има факултети или програми каде нема студенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот