ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Прљаво казалиште“ на фестивалот „Скрим“ во Скопје: „Додека можеме ќе свириме и ќе одиме напред“

Прљаво казалиште / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Оваа сабота во рамките на фестивалот „Скрим“ во Арената Борис Трајковски во Скопје, на сцената ќе настапат три легендарни музички имиња на бендови кои се дел од историјата на балканскиот рокенрол. Македонската публика ќе може да ужива со најголемите хитови на „Прљаво казалиште“, „Црвена јабука“ и „Галија“.

Во утринската емисија „Слободен печат“ гостуваа двајцата членови на хрватската рок група „Прљаво казлиште“ Јасенко Хоура кој е воедно и нејзин основач уште во 1977-та година и Младен Бодалец, кој во бендот како вокалист се приклучил во 1985 година.

Со нив зборувавме за претстојниот концерт, досегашните гостувања во Македонија и нивниот живот како музичари, кои повеќе од 45 години опстојуваат на музичката рокенрол сцена.

-Со „Црвена јабука“ бевме сега пред една седмица заедно на настап и со нив доста често се сретнуваме. Некогаш се гледаме и во хотелите, тоа се драги момци со кои си ги продолжуваме разговорите обично после концертите во гардеробите. Со „Галија“ не сме свиреле никогаш и не знам дали ќе се сретнеме тука во Скопје. Мислам дека според некој протокол секој од нас треба да свири по час и половина и ќе се потрудиме да ги отсвириме песните кои сите ги очекуваат и сакаат. Јас дури сега ја разбирам песната „Све је лако кад си млад“, некогаш работите кои ги изговарате се чиста психоанализа, така и со песните, пишуваш некои зборови за кои дури подоцна сфаќаш што значеле. Јас никогаш не сум можел да зборувам за музиката веднаш кога ќе ја напишам, туку требало да поминат барем неколку години, за да разберам за што се работело – вели Јасенко. – изјави Јасенко.

Младен Бодалец пред 40 години во Битола служел воен рок и како што вели, и приватно и како дел од бендот, носи убави спомени од Македонија.

-Пред 40 години, точно целата 1984 бев тука во Битола и секако имам убави спомени, иако не беше толку лесно. А колку пати сме биле во Македонија не можеме да знаеме, бендот постои повеќе од 45 години, така што веројатно сме биле во сите сали, на сите места. Тоа се многу концерти, но добро паметиме дека секогаш сме биле одлично прифатени од македонската публика и дека одлично сме се забавувале и ние и нашата публика. Тоа е и причината поради која тука луѓето нè бараат и дека сме секогаш добредојдени и се надеваме дека така ќе биде и оваа сабота-вели Младен.

Не е лесно да се биде дел од сцената толку години и сè уште да се актуелни песните кои биле создадени пред толку години. Јасенко вели дека музиката е таа што ги тера да продолжат да творат и да свират.

-Пандемијата со корона-вирусот нè натера да подвлечеме црта и да размислиме. Тогаш јас сфатив дека ако продолжиме без настапи јас ќе умрам. Тоа не е мојот живот. Тоа што ве одржува, од која и генерација да сте, тоа е смислата на вашиот живот, ако го „изгаснете“ тоа, се плашам дека ќе завршите многу брзо. Музиката нас нè тера да продолжиме, тоа е смислата на животот, тоа што те тера да внимаваш и што јадеш и како живееш. Јас за тоа сум ѝ многу благодарен на музиката. Секако има и многу тешки и исрцпувачки концерти, како летово на 41 степен, секој ден, некогаш и по девет концерти за ред. Би било несериозно од нас да не размислуваме до каде се тие граници кои не треба да се поминат, но додека можеме, подобро е да одиме понатаму – изјави Јасенко.

Ветија дека ќе ги отсвират сите хитови кои публиката со нетрпение очекува да ги слушне, а Бодалец откри дека и покрај тоа што сите песни ги сака, сепак има некои кои си ги слуша повеќе од другите.

-„Прљаво казалиште“ има 15 албуми, од кои јас сум испеал 11, ако на секој има во просек 10 песни, тоа се од прилика 110 песни и не би можел да кажам која ми е омилена. Можам само генерално да кажам дека секогаш сум се пронаоѓал најмногу во оние кои не заживеале како хитови меѓу публиката. Тоа се песни кои секогаш биле некаде на задната страна на плочата, како на пример „Збогом даме збогом пријатељи“, „Лаку ноч теби Загребе“, „Дан за даном“, песни кои не се редовниот репертоар. Јас еднаш си направив список, компилација само за себе од песни кои не ги свириме на редовните репертоари и е тешко да се чујат на медиумите – изјави Младен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот