ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Писарев: Куклата робот нема да го реши проблемот, но ќе предупреди за лажните вести
Уметниците од Центарот за современи уметности направија кукла робот чија цел и задача е да го предупреди населението за тоа како се препознаваат лажни вести. Оваа мобилна уметничка инсталација се поставува на фреквентни локации низ Скопје, а луѓето интересно реагираат при првата средба. Децата се љубопитни, возрасните слушаат внимателно, особено за делот кога зборува за онлајн-кражби. Младите и покрај тоа што делумно ги знаат овие факти остануваат да ја дослушаат и ги интересира да научат повеќе, вели за „Слободен печат“ уметникот Никола Писарев.
– Ние како уметници секогаш сакаме преку уметноста да поставиме одредени општествени проблеми пред пошироката јавност. Размислувавме дека лажните вести кај нас се честа појава, прават сериозни проблеми и имаат големо влијание. Колегата Озбек Авајз се сети за куклата како идеја, а сите заеднички дадовме придонес за крајниот изглед. Оваа кукла не е семоќна, нема да го реши проблемот со лажните вести, но ќе влијае на јавното мислење. Доволно е да влијаеме кај 500 пензионери да научат да не веруваат во сè што ќе прочитаат и веќе имаме успех – вели Писарев.
Куклата им се обраќа преку мегафон на присутните, зборува за тоа што се лажни вести, објаснува зошто се креираат и им дава насоки како да ги препознаат.
– Не го читајте само насловот, којшто најчесто е сензационалистички, прочитајте ја целата статија, споредете ја веста со други медиуми, проверете добро дали се информирате од веродостоен медиум – вели куклата.
Целта на оваа уметничка инсталација е, пред сè, едукација на повозрасното население, појаснува Писарев.
Целото видео погледнете го во продолжение: