ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Марјан Ристески: Какви кривични дела застаруваат, а сметка од 50 денари нема да застари и по 50 години!
Нема рок на застарување, а за долгови што се бројат во десетици или стотина денари се формираат предмети во кои учествуваат адвокат, нотар и извршител, место веднаш да се дадат на извршување.
Во Македонија, Законот за извршување повторно предизвикува загриженост кај граѓаните и активистите. Предлог-измените што наскоро треба да влезат во Собранието, според Маријан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации и долгогодишен граѓански активист, не го решаваат суштински проблемот – напротив, ја потврдуваат практиката за долгови што се бројат во десетици или стотина денари да се формираат предмети во кои учествуваат адвокат, нотар и извршител, наместо веднаш да се дадат на извршување, со што граѓаните би се поштедиле од огромни давачки. Тој истакнува и дека сè уште е актуелен проблемот со застареност на долговите, со начинот на достава, па алармира дека кај него доаѓаат граѓани со долгови стари со децении, за кои тврдат дека не ни знаат дека настанале.
Препорачано
– Последните измени се само шминка. Се зборува за дигитализација и упростување на процедурите, но нема никакви измени таму каде што е најважно – застарување на предметите, трошковникот. Исто така, ако некому живеалиштето му е единствен дом, само ако е под хипотека би требало да се одземе за долгови. Ние соработуваме и со нашите странски партнери, и тоа го нема поинаку тој да биде цел на извршување. Да, треба дигитализација. Ние сме за тоа и таа е важна. Но, со вакви измени, грабежот на граѓаните продолжува – вели Ристески.
Малата сметка што расте до илјадници денари
Тој тврди дека практиката е поразителна. На пример, сметка од 50 денари за градски паркинг, или од 35 денари за автобус, или од 1.000 денари за вода, во рок од неколку месеци може да достигне и до 15.000 денари.
– Добро, зарем тие претпријатија немаат свој правник! Замислете за 50 денари долг оформуваат предмет, ангажираат надворешен адвокат. Па почнува процедурата – предметот го даваат на адвокатот што има изготвен документ по автоматизам. Ама проверува кој е должникот, каде работи, па по пошта го бара, еднаш-двапати, ако воопшто го прави тоа, и наплаќа 6.000 денари, или 7.000 денари. Па потоа тој го предава предметот на нотар. И тој истото го прави, пак проверува и зема пари, и на крај е извршителот, кој за волја на вистината зема најмалку. Разбирам да е за некој голем износ, за долгови кон фирма, за нешто што навистина треба да биде проследено со адвокат, но за толку мал износ да се ангажира адвокат? – прашува Ристески.
Според него, овој систем е длабоко неправеден: граѓанинот често не е информиран за формирањето на предметот, не добива известување или добива по неколку пошти, а трошоците на секој чекор се акумулираат.
– Ова е спрегата што заработува на граѓанинот, а не го штити. Министерството за правда молчи, а законот се користи за богатеење мали групи адвокати, нотари и извршители – додава Ристески.
Тој тврди дека има сознанија за 200.000 до 300.000 предмети што стојат по фиоки.
– Во овој систем никој не знае кога за некој долг, за кој немаат поим, ќе му стигне блокада на сметка – вели Ристески.
Треба закон за личен банкрот
Ристески вели дека во долгогодишната борба досега успеале е да се изборат со каматите, но дека има уште многу предизвици.
– Ако 1.000 евра е главниот долг, порано стигнуваше до фантастични 20.000 евра за враќање. Намерно тогаш се држеа предметите во фиоки. Успеавме и да има застареност за краток период. Секаде во светот постои застареност на предмети. За жал, кај нас еднаш Уставниот суд одлучи дека треба да има застареност, а по шест месеци истиот суд одлучи да нема застареност. И сега, нема застарување. За жал, гледате какви тешки криминални дела застаруваат, сметка од 50 денари 30-40 години нема да застари – нагласува Ристески.
Тој тврди дека сè уште има многу стари предмети, состојба во која се нашле граѓаните за време на транзицијата и вели дека Македонија, како сите развиени земји, треба да изгласа закон за личен банкрот.


