Група „Луфтанза“ / Фотографија: Стефан Самандов

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Луфтанза“: Трагедијата во Кочани одзеде животи од еден систем што се храни со корупција

„Луфтанза“ е бенд што настана од долго пријателство, спонтани „џемови“ и дисторзија. Основани се во текот на карантинот во 2020 година. Нивната музика ја надминува политиката и се стреми кон борба за будење на новите генерации. А нивниот звук? Необично е кул!

Членови на бендот се Лука Јованоски – гитара и вокал, Мартин Џорлев – гитара и вокал, Иво Николовски – гитара, клавијатури и вокал, Раде Биковски – бас гитара, Виктор Стојановски – тапани и Андреј Димовски – гитара и вокал.

Зад себе имаат четири албуми, регионални и европски турнеи. Како би ги опишале? Алтернативен рокенрол, со инди и експериментални елементи.

Лука – вокал и гитарист на бендот, со доза на хумор, ни објасни дека името нема некоја длабока стратегија зад себе:

– „Луфтанза“ е авиокомпанија, ама реално – името му текна на Мартин (гитарист и вокал на бендот). Мислам дека беше инспирација од филмот „Добри момци“ (Goodfellas). Некогаш нештата едноставно се случуваат.

Дали знаевте дека речиси ниту еден од членовите нема формално музичко образование? Лука е целосно самоук, а освен гитара, свири и саксофон.

– Почнав со клавир, па преминав на гитара. Саксофонот го научив сам, слушајќи ги „Мингус“ – вели Лука.

– Не мораш да бидеш виртуоз. Важно е музиката да те поднесе – додава Мартин.

Луфтанза / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Дел од момците паралелно свират и во други бендови, што дополнително го збогатува нивниот уникатен звук.

Ги прашавме: Како звучи „Луфтанза“?

– Секогаш кога некој ќе нè праша како звучиме, завршуваме со истото – како сивото Скопје. И бојата што се обидува да никне од тоа сивило – објаснува Лука.

Последната нумера од албумот „Далеку од вистинското нешто“, визуализирана како краток филм, е посветена на трагичниот пожар во Кочани. „Луфтанза“ ја направи оваа песна како глас на младите што беа лишени од живот поради системски неправди:

– Овие млади луѓе заслужија многу повеќе од своите животи. Им беа одземени од систем што се храни од неправда, корупција и неодговорност. Нивната жртва не смее да биде залудна. Борбата за правда продолжува – велат момчињата од бендот.

https://www.youtube.com/watch?v=FIAw_yveyzM&list=RDFIAw_yveyzM&start_radio=1

Трагедијата во Кочани ја заостри нивната свесност за пропустите во системот и ја засили потребата нивниот глас да се слушне – како преку лириката, така и преку живите настапи. Болка и гнев, но и енергијата за промена.

„Луфтанза“ имаат настапувано во Унгарија, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Словенија, Хрватска и Србија, а последната турнеја ги однесе низ Мостар, Задар, Загреб и Љубљана.

Последниот албум го издадоа на плоча – прва физичка издавачка форма за нив, со цел да остават траен печат.

– Ова ќе ни биде прва плоча. Долго ја чекаме. Не сме само дигитални – сакаме звук што останува. Албумот го опишуваме како спротивставеност меѓу природата и сложените навртки на индустријата, кои го носат младиот човек кон состојба на лудило. Ние го претвораме лудилото во организиран хаос.

Луфтанза / Фотографија:

„Луфтанза“ го носи гласот на младите таму каде што треба да се слушне, да ја покажат реалноста во Македонија:

– Само е далеку од тоа што треба да биде. Има многу добри луѓе тука, но тешко е да се пробијат. Некои луѓе едноставно го наоѓаат патот надвор од Македонија. Тоа е малку тажно.

Нивните песни зборуваат за отуѓеноста, за чувството како е да се биде човек во систем што ретко покажува грижа за младите од Македонија, кои сè почесто се отселуваат од државата.

– Постои некое заедничко внатрешно чувство кај луѓето овде, како да сме во вечен круг на истите избори, истите разочарувања. Државата повеќе се грижи за профити и бенефити, а луѓето само трпат.

Последниот настап на „Луфтанза“ беше во Прилеп на 28 декември, а паралелно работат на нови материјали, без брзање и планови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот