ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Калиа Димитрова: „Откога ќе се родиме како жени во вакви земји, ние сме цензурирани“
Разбирањето на родовите и сексуалните права, менталното здравје и социјалните норми, особено преку дигитални платформи добиваат сè поголемо внимание кај новите генерации во земјава.
Во серијалот „Слободно со Агнеса“ разговаравме со Калиа Димитрова од Скопје, писателка, активистка и основачка на феминистичката платформа „Медуза“.
Таа веќе неколку години активно работи на едукација, феминистички дискурс и социјални прашања. Преку своите книги и истражувачки текстови, таа ги истражува врските помеѓу феминизмот, интернет-културата, квир теоријата и менталното здравје, создавајќи простор за дијалог и солидарност во македонското општество.
Димитрова е авторка на збирките поезија „Вештерките денес“ (Темплум, 2018) и „Во хаосот радост“ (2023). Има регионално признание-наградата „Штефица Цвек“ за 2024 година.
-Во прво одделение со моите соученици направивме училиштен весник и бев одбрана да бидам уредничка и тогаш почнав со таа работа. Во 2023 година ја издадов својата втора збирка „Во хаосот радост“, која лани доби регионална награда, што се вика Штефица Цвек – вели Димитрова.
Калиа е основачка и главна уредничка на дигиталната феминистичка платформа „Медуза“, која оваа година полни шест години од нејзиното постоење, како и на печатените изданија на Медуза, меѓу кои се „Отаде издржливоста“ (2020), „Безусловни почетници“ (2021), „Променливо облачно“ (2022), „Новите добри времиња“ (2023) и „Без здив“ (2024).
-„Медуза“ мислам дека ја почнав од некоја лична потреба за прибежиште и некој афирмативен феминистички простор во дигиталниот свет.
Платформата „Медуза“ е простор за жени, девојки, родови и сексуални малцинства, како и за сите кои се заинтересирани да живеат и размислуваат феминистички и им овозможува да ги споделат своите приказни, да разговараат за личните и системските проблеми со кои се соочуваат и да ги истражуваат своите права, задоволства, тела и гласови, за кои Калиа и нејзиниот тим ја истакнуваат важноста на платформата, како и будење на свеста кај жените преку вакви теми.
-Текстовите што ги пишувам и целата уредувачка работа е многу јасно, политичка, феминистичка работа – објаснува Димитрова.
Калиа ја изразува критиката кон општествената цензура што жените ја доживуваат, а „Медуза“ се претставува како форма на отпор и предизвик кон тие структури на потиснување.
-Откога ќе се родиме како жени во вакви земји, сме цензурирани на еден начин, и „Медуза“ е шлаканица на сето тоа – изјавува Калиа.