Горан Трајковски кандидат за градоначалник на Кисела вода од СДСМ - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Горан Трајковски кандидат за градоначалник на Кисела вода од СДСМ - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Горан Трајковски: Урбаната мафија во Кисела Вода во мене нема да има сојузник

Моите деца ќе растат во Кисела Вода, затоа се нафатив да се кандидирам за градоначалник. Тоа што ми беше најголем мотив и за мене е мисија, е да ја направиме Кисела Вода подобро место за живеење. Кисела Вода е многу голема општина, но, за жал, 30 години гледаме дека е во стагнација и дека се префрлаат обврските и има расправии за тоа кој што направил и кој што не направил. Ние мораме да се оттргнеме од минатото. Мораме да гледаме во иднината. Бидејќи, ако гледаме во минатото, ние не се занимаваме со проблемите што ги имаат граѓаните секојдневно. Кисела Вода напоменав дека е убава општина, тоа е убаво место за живеење, но, за жал, и ден-денес говориме за неасфалтирани улички, за урбан хаос, за проблеми со паркирање и еден куп други проблеми. Да не говорам за делот на хигиената или загадувањето, вели Горан Трајковски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Кисела Вода.

Трајковски е дипломиран економист, а во еден период се најде и на функцијата директор на Државниот пазарен инспекторат, а за Кисела Вода вели дека е местото каде што израснал и дека ги познава сите добри и лоши страни на општината. За проблемот со паркирањето смета дека лекот е во изградба на подземни, надземни и монтажни гаражи, како и воведување на паркинг за резиденти во деловите на Кисела Вода, што граничат со општина Центар.

– Општина Центар веќе одамна има зонско и резидентно паркирање. И имате случаи каде што луѓето сакаат да избегнат паркирање во зонско и тие паркираат во делот од Кисела Вода, што е дополнителен проблем за жителите што граничат со општина Центар. Јас тоа го напоменав и во моите дебати, дека во тој дел од општината сериозно размислувам за резидентно паркирање за граѓаните што живеат во населените места што граничат со Општина Центар и тоа е решение. Второ решение е ние мораме да размислуваме и за подземни гаражи, мораме да размислуваме и за монтажни паркинг-простори. Едноставно е да кажеме дека голема инвестиција е подземна гаража, но мора да размислуваме. Во изминативе 10 години не е донесен ниту еден ДУП во Кисела Вода, а претходно се донесени на брзина ДУП-ови што се во развиените зони, последица на тоа е проблемот со паркирањето. Не е само да направите вие зграда и потоа ќе мислите каде ќе паркираат станарите или жителите што ќе живеат таму. Тој проблем мора да се решава, за жал ние немаме ни велосипедски патеки, немаме ни простор за пешаците, за нашите деца што се движат, кога шетате низ Кисела Вода ги гледате колите паркирани на тротоарите – вели тој.

Трајковски ветува дека доколку го добие мандатот, т.н. градежна мафија нема да има никакво влијание врз него и во урбаните делови од општината ќе се издаваат дозволи за градба само доколку тоа го сакаат жителите на населеното место.

– На мене урбаната мафија нема да може да смета и да се надева дека ќе направам нешто во нејзин интерес. За мене, пред сè, е дека граѓаните ќе бидат на прво место. Сите ДУП-ови ќе бидат носени јавно, транспарентно и заеднички со граѓаните. Доколку граѓаните одлучат дека тука не треба да постои тоа и тоа, тогаш нема да постои. Јас одговорно ви го тврдам тоа. Граѓаните не се бројка само за гласање, граѓаните се сопственици на Кисела Вода. Јас одговорно тврдам дека заедно со граѓаните ќе бидам на терен, ќе бидам достапен, не само еден ден, туку пет дена во неделата, ќе отвориме и линија „Ало градоначалник“, ќе бидам во постојана комуникација и за жителите во развиените зони на општината и ако граѓаните кажат не за градењето, тогаш нема да се гради. Но, затоа може да се инвестира во неразвиените делови од Кисела Вода и тоа никому нема да му пречи. И не може да исполнуваме желботеки на поединци, не. Како што кажав, јас како градоначалник ќе работам исклучиво во интерес на граѓаните. Ние мораме да имаме повеќе паркови, ние ќе правиме нови зелени површини, нови пешачки зони, велосипедски патеки – вели Трајковски.

Тој смета дека во изминативе четири години, општината стагнирала и дека се работело само во развиениот дел од општината, додека другите населени места биле запуштени. Трајковски вели и дека ревносно ќе се зафати со чистењето на општината, на чија територија се наоѓаат неколку диви депонии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот