Горан Ѓорѓивески, претседател на Сојуз на стопански комори. Фотографија: „Слободен печат“, Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ѓорѓиевски, ССК: Несериозно е да се бара минимална плата од 600 евра со вакви придонеси и продуктивност

Платите треба да растат постепено, а продуктивноста да се зголемува како од страна на работниците, така и со помош на нови технологии. За сегашното ниво на плати виновни се и давачките, кои се како половина плата, а ги плаќаат фирмите

Човечкиот капитал е најважен, но барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата за 600 евра и на сите други плати за 6.000 денари е несериозно, смета претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија Горан Ѓорѓиевски. Тој, во интервјуто за „Слободен печат“ истакна дека приватниот бизнис е сериозно оптоварен со големи давачки во однос на бруто-платата.

– Во приватниот сектор сите што вредно работат, верувајте се соодветно вреднувани. Во однос на синдикалните барања тие се несериозни и нереални. Прагматично, сакам да го воведам разговорот во една друга димензија. Постојано ја истакнуваме продуктивноста, која е многу важен елемент за да се испочитува премисата „чесна работа за чесна плата“. Во конкретниов случај, јас би кажал дали може господата од Синдикатот да ги извадат списоците за администрацијата во нашата држава и во согласност со известувањата од Европската Унија, од Светска банка и од други легитимни надворешни институции, да ги посочат тие околу 50.000 вработени во државната администрација што имаат месечна обврска да пополнат само еден А4 лист на хартија – вели Ѓорѓевски.

Тој посочува дека тие што не работат во администрацијата и што таму не ја заслужуваат својата плата треба да дојдат во приватниот сектор и да работат. Од друга страна, потенцира Ѓорѓевски, и платите во јавниот сектор се финансирани од стопанствениците и од сите граѓани чии плати не се само нето-износот, туку се бруто-износ.

– Во бруто-платите, износот на давачките (придонеси и данок, н.з.) е 50 проценти во однос на нето-платата. Мислам дека такво нешто нема никаде во регионот. А, тие пари ги даваат компаниите – вели Горѓиевски.

Во однос на продуктивноста на компаниите, Ѓорѓиевски вели дека има два сегмента: едниот се должи на ангажманот на работниците, а другиот е современа техничко-технолошка опрема.

– Затоа компаниите бараат лесен пристап до евтини финансии, со кои ќе може да се набаат современи техничко-технолошки средства. Со опремата прво би ја покачиле продуктивноста на вработените, а потоа и конкурентноста на производите – вели Ѓорѓиевски.

Во насока на поголема пристапност до финансии, тој вели дека кога ќе има некоја евтина линија како што беа парите од унгарскиот кредит, тие треба да бидат насочени кон микро и малите фирми што се ’рбетот на економијата, за разлика од овој пат, кога пари користеа и големи компании. Сојузот на стопански комори предлага и Македонска развојна банка директно да ги пласира парите, место тоа да биде преку комерцијалните банки што вградуваат своја камата.

Ѓорѓевски доаѓа од приватниот сектор, тој е сопственик на синџирот пекари „Специјал“, а и долги години беше на чело на Агрокомората. Како човек што редовно ги следи цените на берзите, вели дека во однос на житата веќе подолг период тие се стабилни.

– Во однос на агросекторот би сакал да ги истакнам проблемите што ги има примарното земјоделство. Нашата држава како и сите други се соочува со климатски промени. Треба соодветно да се приспособат културите на тие промени и треба посериозно активирање на преработувачката индустрија за да имаме извоз со додадена вредност – вели Ѓорѓиевски.

Во однос на проектот е-фактура, Ѓорѓиевски вели дека би го ставил на пиедестал како што бил проектот ДДВ. Тој треба да ја намали сивата економија и да ја зголеми конкурентноста на компаниите. Неговата имплементација парцијално треба да почне до крајот на годината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот