Децата на К-15 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Децата на К-15 - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Децата на јунаците на К-15 првпат во јавност: Од нас уште од мали сите очекуваа да бидеме смешни!

За легендарните К-15 и врапците зборуваат и штиците раскажуваат и ветерот шепоти, но тие не се експонираат премногу кога станува збор за нивниот приватен живот, дури ни на социјалните мрежи. Уште помалку се знае за нивните наследници. Оттаму, „Слободен печат“  имаше ексклузивна можност да направи интервју на едно место со децата на хероите од К-15.

Покрај двајцата синови на Љупчо Бубо Каров (Цацко) – Илија Ико Каров и Данаил Дачо Каров – со нас во студиото беше и Огнен, синот на Бранко Огњановски (Миле Паника). За жал, ќерката на Бранко, Софија, на беше во можност да ни се придружи.

Отсекогаш знам за К-15

Разговорот го отпочна Огнен, кој вели дека ако некој „се сеќава“ на почетоците на К-15, тогаш тоа се дефинитивно децата на главните протагонисти од оваа хумористична серија.

– Јас за К-15 знам од кога знам за себе. Кога бев мал, паметам, некаде можеби прво одделение, се сеќавам дека сите ме прашуваа „Ти се врти од центрифугата?“. Мене тогаш не ми беше јасно зошто ме прашуваат тоа, не ги разбирав. Постарите генерации ќе се сетат, тоа беше една реклама, на која јас како бебе висам на сушилница, а нарацијата го кажува тоа и затоа сите ме закачале – се присетува Огнен Огњановски.

Слични спомени раскажаа и Ико и Дачо Карови.

– Јас отсекогаш знам дека постои К-15, само од еден друг агол. Кога почна да се емитува К-15, не гледав, можам да кажам дека првите неколку години воопшто не ги ни знаев скечовите. И се наоѓав често во ситуација некој да ми раскажува скеч, а јас да треба да одглумам дека го знам – вели Дачо, помалиот син на Бубо Каров.

Данаил - Дачо Каров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Данаил – Дачо Каров – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Илија вели дека К-15 е дел од неговото „постоење“.

– Цацко, Миле и Тошо и пред К-15 имале друг живот, но ние, нивните деца – не. Нам тоа ни е целиот живот, дел од нас. Јас за нивната интелектуалност и генијалност, за тоа што го прават како еден културолошки и општествен печат, се освестив дури на мои 18 години, кога почнав посериозно да ја анализирам нивната работа. Дотогаш, знаев само дека татко ми оди на работа, сосема нормално, како што одат и сите други татковци во светот – ни рече Илија.

Илија - Ико Каров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Илија – Ико Каров – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Интелигентниот хумор, сатирата и харизмата ја наследиле од своите родители, тоа несомнено се забележува. Низ годините, како што велат, од нив се очекувало да кажуваат смешки и да бидат најзабавни во друштвото.

– Кога ќе дознаеја чиј син сум, веднаш имаше реакција во стилот – „ајде, имитирај го татко ти како Миле Паника, ај сега Ристо“ итн. Се очекуваше да бидам дворски шут во друштво, но не е тоа лесно. Знаеја да ми кажат и: „О, па ти не си смешен како татко ти“. А всушност, тие не го ни познаваат татко ми, тие го знаат Миле Паника. Татко ми имал медиум каде што можел да го пласира својот добар хумор, јас мојот хумор го споделувам таму каде што ќе се почувствувам пријатно – вели Огнен.

Огнен Огњановски - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Огнен Огњановски – Фото Слободен печат – Методи Здравев

И на Ико и Дачо, кога биле деца, им барале да раскажуваат вицови.

– Ти седиш во детската соба и се дружиш и одеднаш те канат во дневната соба кај што има многу возрасни гости и бараат да кажеш виц пред сите. Да, постојано од нас се очекуваше да бидеме смешни – велат браќата Карови.

Чиј кум е Тошо Малерот?

Со Тошо Малерот и приватно биле постојано заедно, покрај дружењето за време на работата. Се дружеле и на заедничките годишни одмори.

Тошо за нив бил втор татко, велат Ико и Дачо.

– Многу се дружевме, Тошо ни беше како втор татко. Јас кога пораснав и кога почнаа љубовните маки, не можев дома на моите да им кажувам, сите совети ги барав од него. А Тошо за Ико е многу повеќе, тие имаат најсилна врска и едно време излегуваа заедно – открива Дачо.

Во јавноста е познато колку добри другари се Бранко и Васко, но ретко кој знае дека Васко го крстил Огнен.

– Да, мене Васко ме крстел. Не го дал тој името, го одбрале моите, но тој е мојот кум. За разлика од Ико и Дачо, јас не бев толку близок со него кога почнав да излегувам поради разликата во годините, но тој дефинитивно е дел од нашето пошироко семејство – вели Огнен.

Децата на К-15 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Децата на К-15 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Во емисијата за првпат во етерот се откриваат интересни детали за приватниот живот на актерите на најпопуларната хумористична серија во Македонија.

Погледнете го целото интервју со децата на К-15 на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. И то!

Децата на К-15 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Децата на К-15 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот