ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јакимоски: Секоја минута по неколку луѓе во светот кршат рака или нога
Светската статистика вели дека секоја година во светот се случуваат околу 37 милиони скршеници или практично секоја минута има десетици скршеници. Каде е Македонија во светската статистика, колку луѓе во текот на годината завршуваат со фрактури, која е ризичната група, дали зимските спортови се главна причина за скршеници? На почеток на зимата за сите проблеми кои настануваат како последица на фрактури, но и лекувањето на истите зборуваме со доктор Даниел Јакимоски од приватната болница„ Аџибадем Систина“.
Препорачано
Докторот вели дека не знае каде сме по светската статистика, но секако дека учествуваме во неа и нашите скршеници се дел од таа бројка.
– Немам точен податок за бројката во Македонија, колку скршеници имаме на годишно ниво, но секако дека имаме. Кај нас скршениците се поделени на летни и зимски повреди. Сега ни доаѓа зимата, сега ни се актуелни зимските повреди. Превенцијата е да се внимава максимално и во секојдневното живеење и во спортовите кои се применуваат во зимскиот период – вели Јакимоски.
Објаснува дека со оглед на тоа дека имаме се помалку снег во последните години во Македонија, се намалува бројот на скијачи кои завршуваат со фрактури.
– Имаме два скијачки центри, но често имаме и од соседните земји, наши државјани кои скијаат во соседните центри, па често ги земаме ние со наше возило таму или доаѓаат со возило од таа држава и пациентите се третират кај нас. Без разлика дали имаме снег или не, ако има во околината и тогаш сме засегнати – вели докторот.
За возрасната популација вели дека во текот на зимата треба да биде многу внимателна.

– Со самата возраст доаѓаат и промените на коскените структури, така да и мали повреди, на изглед доведуваат до големи трауми на коскено-скелетниот систем. Често се случува една минорна повреда да предизвика фрактура на колкот, фрактура на подлактници, фрактура на рамо. Возрасната популација, вистина е засегната, и мојот апел е таа популација да внимава да излегува од дома подоцна затоа што утрата се секогаш замрзнати и да нема снег – вели Јакимоски.
Начинот на лекување зависи од самата повреда. На пазарот има избор на помагала од типот на ортози за конзервативно лекување. За повзрасната популација, пак вели дека нивните повреди најчесто завршуваат оперативно за да полесно станат на нозе и брзо да се вратат на нормално функционирање. Кај скијачите состојбата е поразлична.
– Прво скијачот што паднал некаде, ако веќе е во неподвижна состојба, медицинската екипа од центарот за скијање оди, го имобилизира на самото место. Го симнува до најблискиот медицински центар, во кој се почнуваат испитувањата. Тие не располагаат со компјутерска томографија или магнетна резонанца, најчесто имаат некој мобилни рендген апарати. При скијање најчести повреди се на коленото – вели Јакимоски.
Објаснува дека на фрактурите им треба долго време на лекување, обично лекувањето трае и до 2 месеци, вклучувајќи ја тука и физикалната терапија.
– Без разлика дали се третира конзервативно или ја третираме оперативно, зараснувањето на коската бара време. Кај децата потешко се детектира скршеница бидејќи не можат да кажат што ги боли и потребна е детална снимка. Кај нив лекувањето е најчесто конзервативно и тие се добри пациенти. Со повозрасните пациенти имаме исто добра комуникација, има пациенти кои не слушаат и што слушаат, јас секогаш знам кога ќе дојдат на прва контрола дали слушаат или не, мислам, се познаваат по клиничката слика, што ја гледаме-вели докторот.

На пациентите им порачува активно да се занимаваат со зимски спортови бидејќи се едни од најубавите. Да шетаат по планини, во шума, да поминуваат повеќе време на отворено.
– Ако скијаат да го прават тоа со соодветна опрема, внимателно, но ако се повредат да не се плашат бидејќи секоја повреда успешно се лекува. А на повозрасните пациенти им препорачува ако излегуваат кога е поладно и има мраз да носат соодветно обувки и да излегуваат кога е потопло во текот на денот-вели Јакимоски.


