Д-р Душко фидановски- педијатар/Фото: Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Фидановски: Во еден ден се прегледуваат и по 100 деца со симптоми на грип

Висока температура, растечен нос, полни чекални со деца. Кои се симптомите на грип и кога е време да се оди на лекар? Дали пикот на грипот годинава е веќе на почеток или допрва треба да го очекуваме? Утрово на оваа тема во емисијата  „Слободен печат“ разговараме со примариус доктор Душко Фидановски, педијатар од приватната болница „Аџибадем Систина“. Тој вели дека изминатиот период имале зголемен број на пациенти со различни респираторни вирусни состојби.

– Минатиот викенд кога беше продолжен празничен викенд со Божиќ и Бадник имавме над 100 до 120 прегледи за 24 часа во нашата амбуланта на ургентно. Се работеше за деца од најразлични возрасти, повеќето деца, помали од петгодишна возраст, бидејќи тие најчесто и се разболуваат – вели Фидановски.

Тој објаснува дека најголем дел од децата биле заболени од вирусни заболувања.

– Имам впечаток според изолациите што ги докажавме, дека 90 проценти беа вируси, 10 отсто можеби нешто друго. Најчесто имаше инфлуенца, тип А, меѓутоа има инфлуенца Б, има и некој од другите вируси, како што е, на пример, аденовирусот, а има и ковид-19, меѓутоа нешто помалку отколку овие други вируси – вели Фидановски.

Според него пикот уште не е достигнат бидејќи децата се на распуст. Меѓутоа од понеделник веќе се враќаат на училиште и треба да се очекува и пикот кој редовно е на крај на јануари и почеток на февруари.

Што се однесува до вакцинацијата, докторот вели дека иако таа е препорачана за деца помали од пет години, кај нас децата воопшто не се вакцинираат.

– Најголем проблем, грипот, па и другите вирусни инфекции може да направи кај деца под петгодишна возраст, посебно кај оние пред втората година. Се препорачува да се вакцинираат деца кои имаат навршено шест месеци. Значи, после шест месеци веќе може да се вакцинираат сите деца, посебно децата коишто се под петгодишна возраст, бидејќи кај нив прави компликации. Треба да се вакцинираат задолжително деца коишто имаат некаков коморбидитет, значи коишто имаат хронични проблеми од типот на астма, деца со дијабет, деца со проблеми со срцеви заболувања – вели Фидановски.

Тој објаснува дека секоја година треба да се вакцинираат децата во текот на септември до крајот на октомври.

-Кај нас за жал немаме голем број вакцинирани деца и најголемиот број деца коишто се хоспитализираат со тешки форми на грип и кои завршуваат со несакан, дури смртен исход, се практично невакцинираните. Бидејќи вакцината, како и за другите болести, не штити 100 проценти и не ветува дека нема да се разболите од одредената болест, меѓутоа дека ако ја добиете болеста, ќе помине полесно, нема да направи компликации и нема да има смртен случај – вели докторот.

Д-р Душко Гидановски- педијатар/Фото: Методи Здравев

На прашањето дали доаѓаат родители коишто земаат антибиотици на своја рака, педијатарот вели дека тоа е многу често.

– Како за секоја вирусна инфекција, тука спаѓа и грипот, антибиотикот не помага. Дури може да го супримира имунолошкиот одговор на организмот кој се бори. Кога се работи за грип или која било друга вирусна инфекција, антибиотик не треба да се даде. Антибиотик се дава кога имаме некаква компликација, најчесто предизвикана од, можеби, бактериска суперинфекција – вели докторот.

Тој објаснува дека прво треба да се даде симптоматска терапија. Ако има висока температура, треба да се даде лек којшто ја намалува температурата, парацетамол и ипобруфен. Детето треба да се разладува, да пие течности, да не се облекува многу, но и не треба да се претерува со антипиретици.

На прашањето кога треба да се посети лекар и кои се алармантните знаци, докторот вели дека ако температурата трае подолго од три дена, ако е постојано висока, ако детето е во лоша општа состојба, малаксано, легнато во кревет, неконтактибилно, тогаш мора веднаш да се однесе на лекар.

– Дете кое е во добра состојба, има само температура, меѓутоа не е легнато во кревет, пие течности, нешто и јаде, тоа дете не треба веднаш да се носи на лекар – вели Фидановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот