Маријан Денковски/Фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Денковски: Нема веќе евтини пломби и импланти, ставаме крај на нелојалната конкуренција

Има ли зголемување на цените на стоматолошките услуги? Има ли нелојална конкуренција меѓу стоматолозите? Се разликуваат ли цените кај матичните и приватните стоматолози? Какви се цените за ортодонските услуги? Има ли нелегален увоз на импланти, на коронки, на материјали за пломбирање? Работат ли странци без лиценци во нашите ординации? Утрово на дел од овие теми, меѓу тоа и за сите проблеми коишто ги имаат стоматолозите во Македонија, во утринската емисија „Слободен печат“ разговараме со претседателот на Стоматолошката комора на Македонија, доктор Маријан Денковски.

Денковски вели дека граѓаните треба да знаат дека цените кај приватните стоматолози за нивните услуги се зголемени и дека е донесен ценовник со минимални цени под кои стоматолозите не смеат да наплатуваат.

– Ова не се однесува за јавните здравствени установи, но се однесува и за матичните стоматолози за оние услуги кои ги даваат надвор од пакетот кој го имаат склучено со Фондот за здравство. Тука конкретно е протетската услуга, бидејќи фиксната протетика, мостовите, протезите, вилиците, не влегуваат во пакетот на Фондот. Тука влегуваат и така наречените бели пломби за катниците, бидејќи за овие заби Фондот предвидел друг тип на пломби и овие се наплатуваат приватно-вели Денковски.

Според новиот ценовник вадење на млечен заб е 300 денари, траен заб 1.000 денари. За трајните протези минималната цена е 15.000 денари, визил скелетна протеза е 18. 000. Најниска цена за циркониум е 9.000 денари.

– Ова е референтна цена, согласно Закон за здравствена заштита. Сите цени можат да бидат поскапи, но не можат стоматолозите да наплатуваат пониски цени од овие. Ќе следуваат казни-вели Денковски.

Што се однесува до рекламите кои кружат по социјални мрежи со цени кои се три пати поевтини од ценовникот, Денковски вели дека најверојатно станува збор за нелегален увоз.

– Не може да тврдиме дека нелегалниот увоз е на неквалитетен материјал. Можеби е најквалитетниот материјалот, но увозот е нелегален. Значи, не се платени давачките, царина и цената е многу ниска кога стига во земјава. Од друга страна, квалитетот на материјалот секако е дискутабилен, затоа што не секогаш и на Алиекспрес може да се најде квалитетен материјал кој на крајот, на денот завршува во устата на нашиот граѓанин-вели Денковски.

Маријан Денковски/Фото: Слободен печат

На прашањето дали до сега некој од неговите колеги е казнет од страна на Стоматолошката комора за рекламирање на цени пониски од донесените, Денковски вели дека до сега имаат поведено постапка за десетина и најпрво планирано е да се оди со опомени.

-Работиме во интерес на колегите. Ова е борба за поквалитетна стоматологија, затоа што, ако зборуваме реално, не може да се изработи некоја медицинска услуга за некои цени кои се во оптек и се рекламираат-вели Денковски.

Денковски вели дека секое непродолжување на време на лиценца, значи дека докторот нема лиценца за работа додека истата не биде обновена.

Од друга страна Фондот за здравство е должен да проверува дали склучува договори со лиценцирани доктори или Фондот ќе си дозволи ситуација да склучи договори со нелиценцирани доктори. Денковски вели дека тие немаат можност да даваат привремени лиценци за странци.

Што се однесува до боцкањето со ботокс кој се нуди по стоматолошките ординации, Денковски вели дека според закон може да боцкаат само оралните хирурзи.

За оваа година најавува кампања, за сите граѓани, не само за деца, но и за возрасни за превенција и кревање на јавната свест. Кампањата е под мото „среќна уста- среќен ум“.

– Одиме заедно со светската асоцијација во тој правец, за да може да им кажеме и на граѓаните дека едноставно превентивата е најевтината стоматологија. Затоа што прегледот не чини. И да го наведеме тоа дека прегледот кај матичниот лекар е бесплатен. Да се стартува со едно прегледување, ако има нешто, некои ситни проблеми да се решаваат, затоа што со едно вадење на заб пациентот можеби и евтино ќе помине, и за 200 денари, но протетиката е скапа, а безабост води кон влошување на општото здравје-вели Денковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот