ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Алулоска: Сите предвремено родени бебиња не завршуваат во инкубатор
Пред три децении, предвременото раѓање речиси секогаш значеше неизвесна борба за живот на новороденчето. Денес, благодарение на напредокот на медицината, современата неонатална нега и подобреното следење на бременоста, шансите за преживување и нормален развој на овие бебиња се значително зголемени. Но, предизвиците остануваат и за медицинските тимови и за родителите. Во разговор со д-р Наташа Најдановска-Алулоска, специјалист по педијатрија и неонатолог од приватната болница „Аџибадем Систина“ зборуваме за најважните прашања поврзани со предвремено родените бебиња, од дефиниција, преку третман, до долгорочен развој.
Препорачано
-Недоносени бебиња се сите оние кои се раѓаат пред 37-та гестациска недела. Во зависност од тоа кога се родени, тие може да бидат со доцен, ран или екстремен прематуритет – објаснува Најдановска-Алулоска.
Најризична група се бебињата родени пред 28-та недела.
-Тоа се најранливите бебиња, со најнезрели органи и системи. Тие бараат интензивна нега, специјализирана опрема и искусен медицински кадар. Од друга страна, бебињата родени помеѓу 34-та и 36-та недела често имаат значително подобра состојба. Некои од нив дури и не мора да престојуваат во интензивна нега, бидејќи се доволно стабилни и способни за самостојно дишење и регулација на телесната температура – додава докторката.
Една од најчестите дилеми кај родителите е дали секое предвремено родено бебе завршува во инкубатор.
-Сите бебиња немаат потреба од инкубатор. Во него се сместуваат оние со ниска родилна тежина, под 1,8 до 1,9 килограми, или оние со здравствени проблеми како што се респираторни потешкотии. Колку порано е родено бебето, толку поголема е потребата од поддршка. Екстремно прематурните бебиња имаат тенка кожа, малку поткожно масно ткиво и недоволно развиени бели дробови. Често им е потребна респираторна поддршка бидејќи не произведуваат доволно сурфактант – супстанца што овозможува нормално дишење – објаснува Најдановска-Алулоска.

Должината на престојот во болница на недоносените бебиња е од неколку дена до неколку месеци. Престојот во болница варира во зависност од состојбата на бебето.
-Бебињата родени во 35-та или 36-та недела може да си заминат дома заедно со мајката по неколку дена, ако нема дополнителни компликации – вели докторката.
Но, кај екстремно прематурните бебиња, престојот може да трае со месеци.
-Имаме случаи каде престојот трае и до три месеци. Тоа е долг процес, но со добра грижа резултатите се охрабрувачки – вели Алулоска.
Како пример за напредокот во медицината, докторката ја споделува приказната за едно бебе.
-Рита се роди во 23-та недела и пет дена – екстремен прематуритет. Беше толку мала што буквално ја собираше во дланка. Но, со соодветна нега, таа постепено напредуваше. Денес е успешна приказна што им дава надеж на многу родители – раскажува таа.
Следењето по излегување од болница е клучно за развојот на секое предвреме родено бебе. Грижата не завршува со напуштање на болницата.
-Првата година е критична. Овие деца мора да се следат мултидисциплинарно од педијатар, невролог, офталмолог, па дури и од физиотерапевт – нагласува докторката.
Посебен акцент се става на психомоторниот развој. Вели дека физичкиот раст често брзо се надоместува, но многу поважно е да се следи развојот на движењата, комуникацијата и когнитивните способности. Според неа, повеќето деца ги достигнуваат врсниците до третата година кога се израмнуваат разликите.
Кога станува збор за исхраната, пораката е јасна: мајчиното млеко е незаменливо.
-Мајчиното млеко не е само храна – тоа е лек. Особено кај предвремено родените бебиња, тоа има клучна улога во зајакнување на имунитетот и развојот на дигестивниот систем – објаснува докторката.

Дури и кога бебето не може да цица, се користи измолзено млеко и секогаш треба да го стимулираме доењето, дури и ако тоа значи првите капки да се даваат преку сонда.
На родителите им препорачува доверба и трпение. Предвременото раѓање е тежок момент за секое семејство, но докторката апелира родителите да имаат доверба.
-Разбирливо е дека има страв и неизвесност, но важно е родителите да знаат дека нивните бебиња се во сигурни раце. Тимовите се обучени, опремата е современа и резултатите се сè подобри- вели таа.
На крајот, клучот е во превенцијата и раната грижа.
-Добро следена бременост, навремено препознавање на ризиците и соодветна медицинска грижа значително ги подобруваат шансите. Целта не е само преживување – туку здраво и квалитетно детство – заклучува Најдановска-Алулоска.


