ВИДЕО+ФОТО: Масакр по течението на Пена, наместо да сади ЈКП Тетово сече дрвја

Сеча на дрва - Тетово/ Фото: Слободен печат/ Зоран Димовски

Долж теченито на левата страна од коритото на реката Пена кон месноста Бањиче, ЈКП Тетово започна со сечење на високостеблести дрвја, но акцијата ја спречи полицијата.

ЈКП Тетово имаше образложение дека преземаат акции за чистење на речното корито, но граѓаните и еколошките организации излегоа со осуда.

Тетовци кои секојдневно шетаат покрај реката, велат дека се работи за децениски раскошни дрвја, кои го штителе речното корито од ерозии.

– Јас лично вчера видов што се случува тука и случајот го пријавив во полиција. Неколку дрва кои вчера ги исекоа од ЈКП Тетово јас лично сум ги засадил. На таа страна каде што имаше дрвја никогаш не се појавила ерозија, додека од десната страна на реката има ерозивни процеси, затоа што таму нема дрвја, вели еден жител на Тетово.

– Ова е разочарувачки, ова ни е единствениот дел каде што можеме да рекреираме, што им сметаат дрвјата, властите треба да засадуваат, а не да ги сечат дрвјата, додава друг жител на Тетово.

Од Еко Герила не веруваат дека работниците на ЈКП Тетово за сечата на дрвјата имале каков било елаборат. Шумата, велат оттаму, е од суштинско значење за спречување на ерозивни процеси на шарпланинскиот масив.

– Од тоа што го увидовме, ситуацијата е грозна. Ние ја поздравуваме иницијативата да се чисти коритото. Но, тука треба да се вклучат и другите институции, не би сакале да мислиме дека се прави нешто повеќе од чистење на коритото. Дрвјата се тие кои ја заштитуваат и природата и ерозијата и каков било климатски ефект. За жал, на Шара во последниве години е иссечена многу шума и тука немаме институционална активност за спречување на сето ова, изјави Нгадњим Мемети од Еко герила.

Сеча на дрва – Тетово/ Фото: Слободен печат/ Зоран Димовски
Сеча на дрва – Тетово/ Фото: Слободен печат/ Зоран Димовски

Директорот на ЈКП Тетово пак се оправда дека се работи за акција за чистење и оддржување на реката.

„Започнавме со сечење на дрвјата кои беа во внатрешноста на реката, со цел да се преземат рани мерки во случај на поплави или каков било друг настан. Но, додека ние ја работевме нашата работа како одговорност на локалната власт за одржување на реката, централната власт преку своите механизми ја кочи нашата работа за подобро и побезбедно Тетово. Дојде полиција и ја прекина работата, со тврдење дека немаме право да ги сечеме дрвјата, потоа дојде шумската полиција која ни рече дека немаме право да ги транспортираме. Јасно е дека се испратени само да ја попречуваат работата на Општината, бидејќи не ги ни знаат ингеренциите на локалната власт“, напиша на својот Фејсбук профил директорот на ЈКП Тетово, Самет Бислими.

Од СВР Тетово велат дека постапиле по барање на Шумската полициј.а

– Вработен во ЈП „Национални шуми“ – Тетово вчера (10 март) во 11 часот и 20 минути во СВР Тетово пријавил дека во месноста „Бањиче“ во Тетово, без нивна дозвола, вработени во Општина Тетово вршат сеча на дрвја. На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници на СВР Тетово, кои утврдиле дека станувало збор за планирани активности на Општината, кои не се во надлежност на СВР Тетово и за тоа изготвиле соодветен писмен материјал,  соопшти Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот