ВИДЕО+ФОТО | Археолозите открија „сметка“ стара 2.000 години во Ерусалим

Фото: Facebook/ Israel Antiquities Authority

Археолозите кои извршуваат ископувања кај ѕидините на Ерусалим, открија „сметка“ издлабена на камена плоча, стара 2.000 години, објави „Израелската управа за антиквитети“, на нивната Фејсбук страница.

Имено, камениот артефакт е пронајден надвор од контекст, во тунел направен при претходно ископување на истата локација, извршено од британски археолози кон крајот на 19 век. Се претпоставува дека финансиската евиденција издлабена на камен, датира од периодот на т.н. Вториот храм – времето на Исус, односно кога Римјаните го окупирале регионот.

Фото: Facebook/ Israel Antiquities Authority

Камената „сметка“ има врежани натписи, напишани на хебрејски, кои покажуваат делумно зачувани линии од имиња со букви и бројки. Плочата првично била користена како погребна плоча.

Истражувачите посочуваат на примерот каде во една издлабена линија се чита крајот на името „Шимон“, проследено со хебрејската буква „мем“, што означува кратенка од зборот за пари. Во другите редови се забележуваат симболи што претставуваат бројки.

Според овој пример, археолозите заклучиле дека натписот најверојатно бил потврда или упатство за плаќање, издлабено од некој човек вклучен во комерцијална активност.

Фото: Facebook/ Israel Antiquities Authority

Вистинската природа на трансакцијата, односно „сметка“ и идентитетот на „Шимон“ засега остануваат нејасни за археолозите, но артефактот е цврст доказ дека на древните народи им бил познат концептот на чување и користење сметки во секојдневниот живот.

Слични примери од римскиот период биле претходно откриени во близината на Ерусалим и Бет Шемеш, сите со натписи кои означуваат имиња и броеви врежани на камени плочи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот