ВИДЕО | Заработи само 16 милиони долари: Документарецот за Меланија Трамп „призна пораз“ по слабите резултати во кината
Документарниот филм „Меланија“, кој го следи животот на американската прва дама Меланија Трамп, практично „призна пораз“ по многу слабите резултати на кино-благајните. Филмот, во режија на Брет Ратнер, требаше да биде голем проект на студиото „Амазон МГМ Студио“.
Препорачано
Документарецот прикажува околу 20 дена од животот на Меланија Трамп во периодот пред втората инаугурација на нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп.
Филмот во кината пристигна кон крајот на јануари и во првиот викенд заработи околу 7 милиони долари, што на почетокот изгледаше ветувачки. Сепак, посетеноста брзо опадна. Веќе во третата недела гледаноста падна за повеќе од 60 отсто, а до четвртата недела филмот целосно исчезна од листата на најгледани наслови.
Вкупно, филмот ширум светот заработил 16,6 милиони долари, што е далеку под очекувањата со оглед на високиот буџет и маркетингот кои изнесуваа десетици милиони долари. Особено слаби беа меѓународните резултати, односно надвор од САД, каде што филмот заработи само околу 291.000 долари.
Поради слабите резултати во кината, студиото одлучи филмот брзо да го префрли на стриминг. Документарецот ќе биде достапен на платформата Амазон Прајм Видео од 9 март, со надеж дека дел од вложените средства ќе се вратат преку гледаност на интернет, реклами и нови претплати.
Критичарите филмот главно го оценија негативно, често опишувајќи го како премногу промотивен и без значајна содржина. Некои дури тврдат дека повеќе наликува на политичка пропаганда отколку на класичен документарен филм.


