ВИДЕО | Владиците пристигнаа на Синодска седница, се очекува жешка расправа
Владиците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) пристигнаа на денешната Синодска седница, на која, според најавите, треба да се отворат повеќе чувствителни и важни прашања за внатрешниот живот на Црквата.
Препорачано
Како што дознава „Слободен печат“, една од точките на дневниот ред е доделувањето помош за епархиите на тројцата епископи од поранешната Православна охридска архиепископија (ПОА). Ова прашање доаѓа во период кога интеграцијата на поранешната ПОА во канонското и организациското функционирање на МПЦ-ОА и понатаму предизвикува внимание во црковните кругови.
Седницата, сепак, се очекува да биде тензична и поради најавата на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар. Тој во гостувањето на „Попкаст со Мартин Богатиноски“ најави дека на денешната средба ќе побара од митрополитот крушевско-демирхисарски г. Јован да се пензионира поради здравствени причини.
Токму оваа точка, според очекувањата, може да предизвика остра дебата меѓу членовите на Синодот. Прашањето за евентуалното пензионирање на г. Јован не е само административна одлука, туку тема што отвора пошироки црковни и организациски дилеми, особено по процесот на обединување и надминување на долгогодишниот раскол.
Од исходот на расправата ќе зависи дали МПЦ-ОА ќе оди кон смирување на внатрешните црковни тензии или, пак, одредени прашања повторно ќе излезат на површина со поголема сила.


