ВИДЕО | Вемби издоминира со страшни бројки и рекорд, Сан Антонио води во конференциското финале
Сан Антонио славеше на гостувањето кај Оклахома со 122:115 по две продолженија и поведе со 1-0 во финалната серија од разигрувањето на Западната конференција во НБА-лигата.
Препорачано
Фантастичен натпревар одигра Виктор Вембањама, кој го предводеше Сан Антонио со 41 поен и 24 скока, со што стана најмладиот играч во историјата на НБА кој имал повеќе од 40 поени и 20 скокови на еден плејоф-натпревар.
Тимот од Тексас со тешко извојуваниот триумф му ја одзеде предноста на домашен терен на големиот ривал и петти пат сезонава ја совлада Оклахома во шестиот меѓусебен дуел.
Голем придонес во победата даде и Дилан Харпер со 24 поени и седум украдени топки, што претставува клупски рекорд во разигрувањето. Стефон Касл постигна 17 поени, додека Девин Васел и Келдон Џонсон уфрлија по 13, а Џулијан Шампањи додаде 11 поени.
Сан Антонио настапи без Деарон Фокс, кој го пропушти натпреварот поради повреда на скочниот зглоб.
Во редовите на Оклахома, Алекс Карузо беше најефикасен со 31 поен од клупата, што е втор најдобар учинок во неговата кариера.
Џејлен Вилијамс се врати на теренот по пауза од шест натпревари поради истегнување на задната ложа и постигна 26 поени, додека Шеј Гилџис-Александер, кој пред мечот ја прими својата втора последователна награда за најкорисен играч, натпреварот го заврши со 24 поени и 12 асистенции, но со слаб шут од игра, седум поени од 23 обиди.
Вториот натпревар од серијата се игра в среда, повторно во Оклахома.


