Фото: ФФМ

ВИДЕО | Убедлив триумф на Турција, четири меча во низа сме без гол со Седлоски

Денеска најдобрата македонска фудбалска репрезентација во пријателски натпревар одигран во Истанбул на стадионот „Шукру Сарачоглу“ загуби со 4:0 против Турција.

Турците предводени од селекторот Винченцо Монтела се подготвуваат за настапот на претстојното Светско првенство, а претходно ќе имаат уште еден тест на 6 јуни против Венецуела.

Турските фудбалери уште од самиот старт направија притисок на нашата половина, веќе во втората минута поведоа со голот на Кокчу.

Откако непотребно загубивме топка во средниот ред, домаќинот направи брза контра во 16 минута во која предноста беше зголемена преку Узун по асистенцијата на Елмали.

Непосредно пред паузата имавме шанса да ја намалиме негативата, Миовски убаво го пронајде Алиоски на петерецот, упати удар, но истиот го одбрани турскиот чувар на мрежата Бајиндир.

Турската селекција ја продолжи доминацијата и во второто полувреме со уште два нови голови. За 3:0 се погрижи Ѓул во 53 минута, а на 4:0 стрелаше Јилмаз.

Македонскиот селектор Гоце Седлоски овој меч го започна со стартните 11: Димитриевски, Зајков, Велковски, Фетаи, Деспотовски, Елези, Атанасов, Алиоски, Елмас, Миовски, Омерагиќ.

Во второто полувреме за нашата селекција на овој контролен меч настапија и: Чурлинов, Серафимов, Ристовски, Манев, Емини, Муслиу, Талески, Додев, Николов, Аломеровиќ и Растодер.

Статистички гледано, Турците имаа нешто повеќе посед на топката (60-40%), имаа и повеќе удари кон нашиот гол, вкупно 20, а ние запишавме шест. Упативме само два удари во рамките на противничкиот гол.

Ова е веќе четврти натпревар без постигнат гол со новиот селектор Седлоски, на дебито во плејофот за СП загубивме со 4:0 од Данска, па одигравме без голови (0:0) на пријателските дуели со Република Ирска и Босна и Херцеговина.

За нашата селекција следните обврски се во Лигата на нации, годинава во септември, октомври и ноември ќе игра мечеви против Швајцарија, Словенија и Шкотска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот