ВИДЕО | Тамара Грујеска: Пресреќна сум што ќе ја претставувам Македонија на Евровизија

Тамара Грујеска - претставничка за детски евросонг / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Сите наши надежи и искрени желби оваа година на детскиот Евросонг, ќе ги насочиме кон Тамара Грујеска, која ќе биде нашата претставничка на престижниот европски музички фестивал, кој оваа година ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција. Иако има само 13 години, таа зад себе има многу државни и интернационални награди, следствено на тоа, прилично богато сценско искуство за нејзина возраст.

Тамара гостуваше во „Утрински печат“ заедно со Дијана Гогова-Атанасова, шеф на евровизиската делегација за детскиот Евросонг. Со Тамара зборувавме за нејзиниот вонсериски талент, љубовта и посветеноста кон музиката, како и за претстојните подготовки за детскиот Евросонг.

Дијана Гогова Атанасова – шеф на делегација на детски евросонг / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Со музика почнала да се занимава уште на 5-годишна возраст, и оттогаш не престанува да постигнува успеси и да се развива во комплетна музичка ѕвездичка, со желба за блескава кариера.

– Пред да настапам на првиот фестивал „Јаболчиња“, дома слушав детски песни, приспособени за мојата возраст и уште оттогаш ми се роди љубовта кон музиката. Сакав да настапувам на сцена и го имав првото искуство на детски фестивал, што продолжи понатаму со многу други настапи и натпревари – вели Тамара.

– Од сите натпревари и фестивали на кои учествувала Тамара, се врати со Гран при награди. Тоа се многу интернационални и домашни фестивали, и со оглед на тоа дека сме навистина музикална нација, кога Тамара победува тука, тоа значи многу. Самото искуство што го има од овие натпреварувања и излегувањата на, пред сѐ, голема сцена и голема публика, е од голема помош за она што ја очекува во следниот период и настапот на 26 ноември, кога е и финалето на детската Евровизија – изјави Гогова.

Јавноста пред извесен период ја дозна веста дека Тамара ќе биде наша претставничка на детската Евровизија, и предизвика навистина искрени позитивни коментари. Песната е веќе во подготовка, а ќе ја потпише Роберт Билбилов.

– Кога дознав дека ќе ја претставувам Македонија на детската Евровизија, бев пресреќна, а реакциите не можам да ги објаснам со зборови. Кога дознаа, сите беа многу среќни. Прво споделив со моите другарки и пријатели, кои ме поддржуваат уште од мала возраст и навистина сум им благодарна за тоа – вели Тамара за првите моменти кога ја дознала убава вест.

– Низ годините, кога ќе видите, какви песни има на детската Евровизија, кои песни победуваат, ќе видите дека од година во година песните се различни. Нема формула кој тип на песна ќе победи, затоа треба многу внимателно да се одбере песна и она што е важно, на Тамара да ѝ „легне“ песната, таа да ја почувствува и таа ќе знае најдобро да ја интерпретира. До сега сме имале исклучителни претставници, сме биле и меѓу фаворитите. Секогаш пред да тргнеме на пат, на децата им кажуваме: „Со самото тоа што настапувате на таа сцена, што работите во тие услови, тоа е вашата најголема победа. Немојте да го гледате местото на табелата, дали ќе бидете први или последни“. Нормално дека сакаме да бидеме во првиот дел од табелата, меѓутоа, награда и победа е самото искуство кое децата го доживуваат таму – вели Гогова.

– Планирам да продолжам со музиката, зошто тоа ме прави среќна и ме исполнува. Плановите ми се, пред сѐ, убаво да си поминам на Евровизија, па потоа планирам да настапам на повеќе натпревари и да стекнам убави искуства – вели Тамара за своите планови и желби во иднина.

Повеќе од разговорот со Тамара и Дијана можете да погледнете на следниот линк:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот