ВИДЕО | Сведоштва на дел од преживеаните во „Пулс“: Титулата ученик на генерацијата ми ја доделија на интензивна нега и во тој момент ништо не ми значеше
Дел од преживеаните во трагедијата што се случи во кочанската дискотека „Пулс“ во емотивни сведоштва за првпат јавно раскажаа за ноќта на пожарот и за тешката борба за живот што следувала по несреќата. Меѓу нив е Надалина Грозданова, која вели дека нејзините сеќавања од моментот кога избувнал пламенот се избришани, но дека вистинската борба започнала по будењето од кома.
Препорачано
-Јас сум Надалина Грозданова, имав деветнаесет години и бев меѓу луѓето кои беа повредени во пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани. Сеќавањата од моментот кога избувна пламенот ми се избришани и не памтам точно што се случи, но од моментот кога се разбудив од кома во Грција знам дека во секој момент сум имала некој до мене и дека докторите и целиот медицински тим ми го спасиле животот. Од многу аспекти се сменив како човек. Порано се грижев за многу работи во животот, но денес сфаќам дека ништо нема вредност кога не си здрав – раскажа таа.
Додека се лекувала на интензивна нега, таа ја добила и титулата ученик на генерацијата, но признава дека во тој момент тоа не ѝ значело ништо.
-Титулата ученик на генерација ми ја доделија додека бев на интензивна нега. Во тој момент тоа ништо не ми значеше. Животот го гледам на сосема поинаков начин – вели таа.
Нејзината порака по трагедијата е дека здравјето е најважно.
-Добриот и здрав човек има милион желби, а болниот има само една – да оздрави. Тоа го почувствував на своја кожа – порачува девојката.
Гитаристот на групата ДНК, Горан Тонев раскажа дека во моментот на несреќата се здобил со тешки повреди и мислел дека го губи животот.
-Јас сум Горан Тонев. Имам 25 години. Четири години се занимавам со музика. На кобната вечер настапував со ДНК како нивен гитарист. Се случи тоа што се случи – некако излегов со многу повреди и мислев дека го губам мојот живот. Една девојка, која подоцна дознав дека се вика Моли, со нејзината мајка ме однесоа во болницата во Кочани – раскажува Тонев.
По првичната медицинска помош во Кочани, тој бил префрлен на лекување во Скопје, каде ја изгубил свеста и бил ставен во вештачка кома речиси еден месец.Подоцна бил транспортиран на лекување во болницата „Папа Николаос“ во Солун, каде, како што вели, медицинскиот персонал и неговото семејство му дале огромна поддршка во борбата за закрепнување.
Овие сведоштва на беа прикажани на меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани се одржува денеска во Скопје по повод една година од големата трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на која се обрати премиерот и целиот државен врв.


