Фото: Твитер

ВИДЕО: Судири во Молдавија, припадници на проруската опозиција се степаа со полицијата

Проруски поддржувачи на опозицијата се собраа денеска на уште еден антивладин протест во главниот град на Молдавија, Кишињев, а демонстрантите се судрија со полицијата, јавуваат локалните медиуми.

Илјадници приврзаници на проруската опозиција протестираа против „обидите на Украина да се меша во работите на Молдавија“.

Демонстрантите вееја молдавски знамиња, но на централниот градски плоштад во Кишињев постојано се слушаа извици „Русија, Русија“.

На денешните протести, според домашните медиуми, имало луѓе кои воопшто не знаеле романски, што според нив докажува дека станува збор за демонстранти донесени од Русија како дел од „хибридната војна“ на Владимир Путин.

Молдавија е поранешна советска република во која има околу 20% руско население останато од времето на поранешниот Советски Сојуз. Дел од државата претежно населен со Руси, Приднестровието, со години е практично отцепен од Молдавија и фигурира како „сива зона“, иако е непризнаен од ниту една држава, освен од Русија. Рускиот јазик е официјален во Молдавија, заедно со доминантниот романски.

Судирот меѓу опозицијата и полицијата почна уште утрото на влезот во Кишињев, каде специјалната полиција блокираше автобуси со опозиционери кои во голем број дојдоа на протестот, предизвикувајќи метеж.

Од почетокот на војната во Украина, прозападните власти во Молдавија, која граничи со оваа земја, се под постојан страв од можен руски напад и инвазија слична на „специјалната операција“ на Москва во Украина.

Властите денеска соопштија дека двајца осомничени за предизвикување нереди се протерани од државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот