ВИДЕО | Сопственик на хотел во Србија раскажа како поради Мбапе и еден глушец се нашол на „црна листа“
Сопственикот на хотел во Крагуевац, Миленко Марјановиќ, сподели необична анегдота од времето кога денес светската ѕвезда Килијан Мбапе престојувал во неговиот објект како 17-годишник. Еден неочекуван инцидент со глушец во хотелската соба, според него, довел до тоа Француската фудбалска федерација да го стави и него и хотелот на „црна листа“.
Препорачано
Крагуевац во минатото бил важен центар за младински репрезентации, а хотелот сместен во шумска средина, редовно бил домаќин национални селекции. За време на престојот на младата француска репрезентација, тогаш младиот Мбапе доживеал непријатно искуство кое предизвикало бурна реакција.
„Овде во Крагуевац играше У-17 репрезентацијата, градот беше центар за младинските категории, па така кај нас беше сместена и Франција. Тука беше и Мбапе, кој тогаш имаше 17 години. Бидејќи хотелот е во шума, глувци има како и секаде во Србија. Собарките затоа поставуваат лепак, бидејќи глувците се качуваат преку олуците и влегуваат во собите. И замислете, Мбапе влегува во собата, глушецот се залепил под креветот и почнува да писка. Мбапе се исплаши и истрча долу на паркингот“, раскажа Марјановиќ.
Реакцијата на француската делегација, како што вели, била брза, а последиците долгорочни.
„Делегатот и водачот на експедицијата ме ставија на црна листа на Француската фудбалска федерација. Ниту една нивна репрезентација повеќе не смее да дојде кај мене“, објасни Марјановиќ.
Тој додава дека забраната се однесува лично на него, а не само на конкретниот објект.
„Дури и кога требаше да дојде нивната футсал репрезентација, им понудив сместување во друг хотел, но кога видоа дека сум јас сопственик, одбија. Значи, на црна листа сум поради Мбапе и глушец“, заклучи Марјановиќ.
View this post on Instagram


