ВИДЕО | Со 40 бели балони кон небото – Кочани им оддаде почит на загинатите во Кран-Монтана
Со запалени свеќи и 40 бели балони, граѓаните без говори и транспаренти се собраа под мотото „Два града – иста болка“, испраќајќи порака на сочувство и солидарност со семејствата на загинатите.
Кочани попладнево се завитка во тишина и светлина од свеќи. Со запалени свеќи и 40 бели балони пуштени кон небото, градот им оддаде почит на 40-те млади животи што трагично згаснаа во пожарот во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана.
Препорачано
Мирниот собир, одржан под мотото „Два града – иста болка“, собра граѓани од сите генерации кои, без зборови и без транспаренти, застанаа заедно во знак на сочувство и солидарност. Во достоинствена и тивка атмосфера, присутните испратија јасна порака дека болката нема граници и дека човечката тага е универзална.
Пуштањето на белите балони во небото беше симболичен чин со кој се одбележа младоста што прерано згасна, оставајќи длабока празнина кај семејствата и заедницата.
Особена тежина и емоција на собирот му даде присуството на родители на деца кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека ја препознаваат болката на семејствата во Швајцарија и нагласија дека загубата на дете е иста, без разлика каде се случила трагедијата.
„Понекогаш тишината зборува повеќе од зборовите“ – оваа мисла ненаметливо ја одбележа целата вечер.
Собирот помина мирно и достоинствено, како симболичен чин на заедништво меѓу два града поврзани од трагедии што оставија длабоки и трајни лузни.


