Фото: Кумановски муабети / Јутјуб / скриншот

ВИДЕО: „Сите пари ги вложивме дома, а вие ни барате данок“: Кумановските печалбари на нозе откако УЈП им побара даноци за стари плати од странство

Неколку стотици кумановци, кои со години работеле во американски бази во Ирак и Авганистан, денеска излегоа на протест пред просториите на Управата за јавни приходи (УЈП) во градот, за да го изразат револтот од тоа што сега добиваат пресметки и решенија за ретроактивно оданочување на приходите од странство за 2020 година.

Тие нагласија дека „не бегаат од даноци“, но оти сега се соочуваат со неприфатливи барања за ретроактивно плаќање на даноци за пет години наназад, кога дел од заработеното веќе е потрошено или вложено дома – во куќи, кредити и бизниси – а роковите за плаќање се кратки и со закана од камати и извршители.

Фото: Кумановски муабети / Јутјуб / скриншот

Учесниците на протестот велат дека данокот од платите им бил задржан односно платен во земјите каде што работеле, преку фирмите што ги ангажирале, па барањето од УЈП го доживуваат како двојно, па дури и тројно оданочување. Дел од демонстрантите јавно посочија дека добиле решенија со обврски од неколку илјади евра само за 2020 година и дека не може да се очекува ваков трошок да се сервисира „во еден здив“, особено кога постапката доаѓа во празничен период.

Во Куманово, според нивните проценки, засегнати се околу 4.000 луѓе. Граѓаните најавија дека нема да плаќаат додека не ги исцрпат сите правни механизми, а бараат и повеќе време за обезбедување документација што треба да покаже каде и како бил платен данокот.

Од Управата за јавни приходи, пак, велат дека станува збор за законска обврска која одамна постои, но сега се применува поорганизирано, и дека целта не е „полнење на буџетот“, како што тврдат кумановци кои протестираат. УЈП порачува дека повиците и известувањата служат за појаснување и утврдување на фактичката состојба, а граѓаните кои веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени, бидејќи постојат механизми како даночен кредит и примена на договори за избегнување двојно оданочување.

Над 9.000 граѓани треба да платат данок за приходи од странство, УЈП извади тефтер од 2020 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот