Над 9.000 граѓани треба да платат данок за приходи од странство, УЈП извади тефтер од 2020 година
Во однос на дилемите дали се плаќа данок на средства испратени од блиски роднини, алиментација и семејни дознаки, од УЈП велат дека ,„недвосмислено појаснуваат дека не подлежат на оданочување“.
Над 9.000 лица евидентирала до сега Управата за јавни приходи кои оствариле доход во странство кој подлежи на оданочување. Оваа информација се обелодени по реакцијата на граѓаните дека добиле покана да се јават во УЈП за да ги регулираат своите даночни обврски за приходи и од пред пет години.
Препорачано
Како што објави „Независен“, граѓаните ги окупирале шалтерите и канцелариите на Управата за јавни приходи. Некои обврската ја прифаќаат мирно и без поговор ги уплаќаат средствата, некои биле зачудени, други, пак, револтирани затоа што, како што тврдат, платиле данок во земјата каде што ги заработиле парите, но бидејќи станува збор за стара документација, потврдата ја фрлиле.
– Врз основа на досега анализираните податоци, околу 9.000 лица имаат остварено доход од странство кој подлежи на оданочување, а истиот не бил пријавен. До сега, околу 1.300 лица доброволно се усогласиле, пријавиле доход во износ од околу 19 милиони денари и платиле данок во износ од околу 10 милиони денари. За 307 лица, Управата службено утврдила даночна обврска во износ од 1,5 милиони денари, која е наплатена – изјавија од УЈП.
Според пишувањето на „Независен“, во ходниците на УЈП, каде што со часови се чека пред надлежните даночници, може да се слушнат и ситуации дека се бара данок за добиени средства за алиментација, за купување подарок, за добиени дознаки од блиски роднини во странство итн. Многумина, одат во банките за да ги проверат приливите од пред пет години и да добијат соодветни изводи од сметките.
Во однос на дилемите дали се плаќа данок на средства испратени од блиски роднини, алиментација и семејни дознаки, од УЈП велат дека, „недвосмислено појаснуваат дека не подлежат на оданочување“.
– Управата за јавни приходи информира дека обврската за пријавување на доход остварен од странство не е нова регулатива, туку постои со години, истата постоеше и во Законот за персоналниот данок на доход, и истата и сега е утврдена со Законот за данок на личен доход. Известувањата кои ги добиваат граѓаните се резултат на редовна даночна постапка која се базира на законските одредби, започната со систематска анализа на податоците од банките за приливите од 2020 година, која продолжува и со податоците за 2021, 2022, 2023, 2024 и до ноември 2025 година – велат од УЈП.
Од УЈП посочуваат дека е важно да се потенцира дека доставените известувања до граѓаните не значат автоматски утврден даночен долг, туку претставуваат персонализиран повик за појаснување на основот по кој средствата се добиени од странство како и доставување соодветна документација.
– УЈП обезбедува поддршка и дополнителни појаснувања за секој поединечен случај, а доколку обврзникот не се усогласи доброволно, УЈП согласно закон е овластена службено да ја утврди даночната обврска – велат од УЈП.
Притоа, појаснуваат дека не се оданочуваат средства испратени од блиски роднини (родители, деца, браќа, сестри и слично) за лични потреби, подароци или новогодишни пакетчиња, доколку се соодветно документирани. Сепак, не појаснуваат што се подразбира под „соодветно документирање“ на ваквите приливи.


