Коко пред заминувањето во Холандија во 2009 г. / Фото: „Вест“ / „Сакам да кажам“ (SDK.mk)

ВИДЕО: Шимпанзото Коко наполни 30 години, ниту една не му беше лесна

„Денес во ЗОО Скопје славиме голем јубилеј, 30 години од раѓањето на нашето сакано шимпанзо Коко, еден од најпрепознатливите и најомилените жители“, напишаа синоќа од скопската Зоолошка градина во објава на социјалните мрежи.

„По тој повод, неговата зоонегувателка Александра му подготви специјална роденденска торта направена исклучиво од здрава, природна храна, како и кутии со изненадувања што Коко со љубопитност и радост ги отвораше заедно со другарот Изи. Хартијата во која беа завиткани подароците е од целулоза и е целосно безбедна и нештетна за шимпанзата. Како еден од најинтелигентните примати, Коко секојдневно не потсетува колку се блиски луѓето и шимпанзата и колку е важно да се грижиме за нив, да ги почитуваме и да ги штитиме. Му посакуваме уште многу здрави, активни и среќни години исполнети со многу грижа и љубов“, пишува во објавата проследена со снимка од „роденденската забава“ на Коко.

Коко е роден во скопската Зоолошка градина во далечната 1995 година, во времето на владата на Бранко Црвеновски и само два и пол месеци по атентатот врз тогашниот претседател на државата Киро Глигоров. Животната приказна на шимпанзото од Скопје, се чини, нуди извесни аналогии со македонската транзиција. Кусо време по неговото раѓање, мајката на Коко угинала од туберкулоза, по што тој западнал во осаменост и анксиозност и долготрајна депресија.

Во 2009 година, кога имаше 13 години, тој беше испратен на програма за социјализација во Холандија, од каде според најавите на тогашното раководство на Зоолошката градина требаше да се врати по една година, но остана безмалку цела деценија. Холандските негуватели не сакале да го пуштат да се врати во Скопје бидејќи тогаш овде немаше соодветно живеалиште и услови.

Шимпанзото Коко се врати дома
Коко по враќањето во Скопје во 2019 година / Фото: Слободен печат / Д. Митрески

Коко во скопската Зоолошка се врати летото 2019-тата и се всели во модерниот нов објект заедно со неколку шимпанза од Холандија, кои исто така имале мачен и трауматичен живот. Поради кревката психичка состојба на животните, тие оттогаш се изолирани и нивното живеалиште не е достапно за посетителите на ЗОО Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот