Фото Рома Прес, скриншот
Фото Рома Прес / скриншот

ВИДЕО | Семејството на двегодишното дете кое почина од заскитан куршум обвинува за полициска бруталност

Семејството Аслани, чиј двегодишен син почина во скопскиот Клинички центар откако во новогодишната ноќ во неговата глава заврши заскитан куршум, обвинува за полициска бруталност во повеќе видеоматеријали емитувани во живо денеска. Во едниот од нив, членови на семејството покажуваат модринки од удари кои велат дека им ги задале полицајци, додека таткото открива дека бил испитуван дали му направил нешто на детето.

Членови на семејството велат дека полицијата апсела и деца и возрасни присутни на местото. Официјален став за овие обвинувања се обидовме да добиеме од МВР, но засега безуспешно.

Детето, според официјалната верзија на настаните споделена од полицијата, починало ноќеска во 2 часот по полноќ.

Семејството бара неселективна и итна правда, да се пронајде и казни сторителот, пишува во видеото на „Рома Прес“.

Обвинителството денеска издаде наредба за обдукција.

Таткото на детето, Муше Аслани, во видеото зборува дека полицијата ги тепала неговите чичковци.

-Мене ме малтретираа. Не ме оставија да си го видам синот. Малку ми ги поткршија рацете, а јас сум опериран на раката, ме оставија на ладно, „не ти е ништо“ ми велеа. Ме прашуваа „да не си направил нешто ти“, изјавува тој.

Според неговите зборови, бидејќи не бил присутен, сметал дека син му се удрил. Кога го однел детето во болница, полицајците, според неговите зборови, ги буткале присутните членови на семејството и сите биле однесени во полициска станица.

-Ние немаме оружје и не користевме оружје, вели Аслани.

Денеска Министерството за внатрешни работи излезе со официјално соопштение за двегодишното дете кое почина на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ откако во главата му заврши метален фрагмент. Лекарски извори од Клиниката за трауматологија за „Слободен печат“ изјавија дека проектилот бил од заталкан или одбиен куршум, не е директно упатен и со релативно мала сила е влезен во главата на детето.

На 1 јануари годинава 58 минути по полноќ во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со туѓ предмет во главата е донесено двегодишно дете од Скопје, велат од МВР.

Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со 21-годишната мајка Г.Д. која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.

Мајката тврдела дека со детето излегла пред куќата да гледаат огномет: Познати детали за починатото двегодишно дете

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот