ВИДЕО: Семејствата на загинатите го исвиркаа кочанскиот градоначалник, тој го откажа најавениот концерт
Вршителот на должноста градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, вечерва се појави пред семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, кои одржаа протест, гневни поради одлуката на општината да закаже музичка програма за Петровден, утрешниот неофицијален празник на градот.
Препорачано
Тој пред членовите на семејствата на жртвите од импровизираната дискотека „Пулс“ објави дека општината донела одлука да го откаже најавениот концерт, а учесниците на протестот, револтирани, му го свртеа грбот и го исвиркаа.
Крстевски нешто подоцна објави и соопштение со информацијата дека најавениот концерт се откажува, но и дека тоа не требало да се случи, како и дека животот мора да продолжи.
„Почитувани сограѓани, животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот. Оваа одлука, иако донесена со добри намери и по консултации, ја преиспитувам водејќи се од вашите емоции и потребата да се движиме напред. Со срце и душа за Кочани!, вели Крстевски.


