ВИДЕО: Семејствата на загинатите во „Пулс“ протестираат против концерт во Кочани за Петровден
Вечерва во Кочани се одржува протест предводен од семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во март. Учесниците на протестот се противат на одржувањето на концерт во градот закажан за утре, на верскиот празник Петровден, кој е неофицијален празник на Кочани.
Препорачано
Тие велат дека градот, на кој пред само четири месеци му се случи незамислива трагедија, не треба да празнува и да се весели. Родителите се гневни на потегот на општината, која закажа празнување со музичка програма во градот завиен во црно.
Облечени во маички со ликовите на нивните загинати деца, браќа, сестри и внуци, учесниците на протестот пред бината поставија нивни фотографии и запалија свеќи.
Утре во 16 часот ќе има комеморација за жртвите, а во 18 часот и 5 минути ќе се одржи 14-тиот „Марш на ангелите“, преку кој родителите и блиските на загинатите бараат правда за нивната прерана смрт.
Во катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ на 16 март загинаа 62-ца млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.


