Фото: Принтскрин

ВИДЕО: Се чула гласина за закопано азно во древна сириска пештера, илјадници дотрчаа до местото – најдоа нешто друго

Сè поголемата толпа се собираше на местото за кое се проширила гласина дека крие закопано злато. Се појавија и видеа на кои се гледа како мештани го преплавуваат градилиштето, додека во позадина се слушаат истрели испукани во воздух, со кои безбедносните сили на Сирија се обидуваат да воспостават ред.

Еден единствен глас беше доволен да предизвика хаос во јужна Сирија: илјадници жители се упатија кон едно градилиште во градот Ал-Хара, во областа Ел-Санамeјн во провинцијата Дараа, откако на сириските мрежи се проширија гласини за античка пештера полна со злато. Толпата пристигна на локацијата саботата навечер, во мракот, во потрага по богатство, но не најде злато; наместо тоа, луѓето открија гробница од римскиот период, објави „Вај нет глобал“.

Државните безбедносни сили веднаш се упатија на местото за да ја растурат сè поголемата толпа. На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа како мештани го преплавуваат градилиштето додека се слушаат истрели во воздух, испукани од безбедносните сили што се обидуваат да воспостават ред.

„Златна треска“ во Ал-Хара

Локалниот администратор на ел-Санамeјн, Ваел ел-Замел, се обиде да ја смири ситуацијата, појаснувајќи дека гласините не се потврдени. Тој изјави дека при ископувањето под една куќа била откриена мала дупка, но без да се утврди длабочината или природата на просторот – и секако, без каков било доказ за злато.

Беа распоредени внатрешни безбедносни сили, а од Дирекцијата за антиквитети беше побаран стручен тим за преглед.

Ел-Замел ги повика граѓаните „да не паѓаат на гласини“, предупредувајќи дека големата гужва може да доведе до несреќа. Подоцна во градот беше воведен полициски час до 6:00 часот наутро.

И покрај официјалните уверувања, очевидци за сирискиот весник „Ал-Ватан“ изјавиле дека илјадници лица пристигнале од областа Дараа и Кунејтра, но никој не го пронашол наводното богатство. Тие потсетуваат дека слични гласини кружеле и претходно под режимот на Асад, а откако безбедносните сили ги растурале толпите, присутните тврделе дека „златото било земено“.

Жителите на Ал-Хара велат дека регионот е познат по антички наоди и дека постои широко раширено верување дека под земјата се наоѓа закопан древен град, што дополнително ги разгорува шпекулациите кога ќе почнат нови ископувања.

Некои луѓе дури предупредиле дека масовното навлегување во дупката може да предизвика уривање на околните објекти.

Русинка е четвртата жртва во поплавите во Бугарија – телото било најдено закопано во кал

Откриена римска гробница, не злато

Официјалните изјави од Дирекцијата за антиквитети и музеи во Дараа даваат поинаква слика: не било пронајдено никакво злато, но затоа била откриена гробница од римскиот период. Според соопштението, дел од земјиштето се урнало за време на копањето, по што стручниот тим кој пристигнал во текот на ноќта ја пронашол гробницата.

Меѓу пронајденото имало: фрагмент од бронзена алка, теракотна ламба, мало и поголемо керамичко грнче, стела со грчки натпис и фигурина во облик на камила.

Сите предмети биле пренесени во Одделот за антиквитети во Дараа за конзервација и ќе бидат испратени во локалниот музеј.

Дирекцијата за антиквитети и музеи во неделата изјави дека „информациите што кружат на социјалните мрежи за пештера полна со злато не се точни“. Тие додадоа дека местото претставува археолошка гробница која бара внимателна заштита.

„Сириското културно наследство е национално богатство, а секое вистинско откритие ќе биде објавено транспарентно, единствено преку официјалните канали,“ се вели во соопштението на Дирекцијата за антиквитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот