ВИДЕО | Русија го забрани документарецот добитник на Оскар „Г-дин Никој против Путин“ – пропагирал „екстремизам и тероризам“
Рускиот суд донесе одлука за забрана на документарниот филм „Г-дин Никој против Путин“ (Mr. Nobody Against Putin) на три стриминг платформи, со образложение дека филмот поттикнува екстремизам. Документарецот на „Би-би-си“, кој овој месец освои Оскар, го документира засилувањето на воената пропаганда во руските училишта по инвазијата врз Украина во 2022 година, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Филмот е базиран на снимки собрани од Павел Таланкин, поранешен училишен координатор кој подоцна пребегал од Русија.
„Негативен став кон војната“
Обвинителството во Челјабинск тврдеше дека документарецот изразува „негативен став кон војната во Украина и актуелната власт“. Дополнително, судот истакна дека во филмот се појавува бело-сино-белото знаме, кое Русија го смета за симбол на „терористичка организација“ бидејќи го користат антивоените демонстранти.
Претходно, руските власти го осудија филмот и за наводно користење снимки од деца без согласност на родителите, најавувајќи дека ќе побараат истрага од Академијата за Оскари.
Што открива филмот?
„Г-дин Никој против Путин“ ја прикажува индоктринацијата на руските ученици преку предавања и посети од воени ветерани и лекции за ракување со оружје. Филмот ги следи и трагичните судбини на поранешните ученици на Таланкин кои загинале на фронтот.
При примањето на Оскарот, Таланкин порача:
„Постојат земји каде наместо ѕвезди што паѓаат, од небото паѓаат бомби. Заради иднината на нашите деца, ајде да ставиме крај на сите војни“.

Од Кремљ кратко искоментираа дека не го гледале филмот, додека претседателот Владимир Путин изјави дека руските кина прикажуваат „глупави и непотребни“ странски филмови наместо да ги поддржуваат домашните продукции.


