ВИДЕО: „Рударите“ го шокираа Реал, Шахтјор славеше без девет првотимци!

Фото: EPA-EFE/JUANJO MARTIN

Среда, ден за нови возбудувања во Лигата на шампионите, но и за големи изненадувања, а за такво нешто се погрижи Шахтјор Доњецк кој триумфираше над Реал Мадрид со резултат 2:3 на стадионот „Алфредо ди Стефано“.

„Кралевите“ имаа катастрофално прво полувреме, тренерот Зинедин Зидан не можеше да поверува што се случуваше на теренот. Украинците по првите 45 минути имаа предност од дури 0:3. Интересно е да се напомене дека на ова гостување тренерот на Шахтјор, Луис Кастро, допатува без девет првотимци. Алан, Исмаили, Конопљанка, Коваленко, Кривцов, Матвиенко, Мораеш, Степаненко, Тајсон имаат коронавирус.

Гол серијата започна во 29 минута, Корнијенко со неколку убави дриблинзи стигна до казнетиот простор на домаќините, го пронајде Тете кој со левата нога го пронајде патот до мрежата на Куртоа.

Четири минути подоцна следуваше нов шок за мадридскиот гигант, Варан беше трагичарот кој си постигна автогол, а пред самата пауза и трет погодок за Шахтјор, Тете со „пета“ асистираше до Израелецот Соломон на кој не му беше тешко да се запише во листата на стрелците.

Во вториот дел многу подобра игра на Реал, во 54 минута за намалување со фантастичен погодок се погрижи хрватскиот интернационалец Модриќ за враќање на надежите.

Скоро половина час игра на теренот Шпанците го постигнаа и вториот гол на средбата, гостите направија грешка, им беше украдена топката од Винисиус Жуниор за 2:3. Се обидуваа домаќините со сите сили да го спречат поразот, но на крајот ги разочараа нивните навивачи.

Доста интересно беше и на мечот од групата „А“, на „Ред Бул“ Арената во Австрија, ремизираа екипите на Салцбург и Локомотив Москва (2:2).

Русите први беа во позитива, после еден изведен корнер Едер успеа со глава да го совлада голманот Станковиќ. Домаќините се вратија во егал во 45 минута со „проектилот“ на Шобошлаи.

Салцбург направи пресврт на стартот од вториот дел, не така силно шутираше Јунузовиќ, гостинскиот чувар на мрежата Гиљерме можеби очекуваше да биде отстранета опасноста, но изненадувачки беше измамен откако топката помина многу лесно покрај нозете на неговиот тимски колега Чорлука.

Во 75 минута се случи ново израмнување, Живоглјадов во прав момент го пронајде Лисакович кој реализираше од непосредна близина за поставување на конечниот епилог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот