ВИДЕО РЕПОРТАЖА: Македонците од Мала Преспа се иселуваат, условите за живот се подобруваат, но се далеку од одлични
Еднодневната интензивна посета на регионот Мала Преспа и Подградец во Република Албанија на претседателот Стево Пендаровски му беше доволно уверлива за да констатира дека во овој регион каде е најголема концетрација на Македонци на подрачјето на цела Албанија, условите за живот се одлични како и условите за учење на македонскиот јазик.
Препорачано
-Заради иселувањето бројката на ученици не е на она ниво што било пред 5 или 10 години, тие што се тука ги имаат сите услови, сите надгледни средства, имаат доволно наставен кадар. Голема благодарност до Република Албанија за поддршката што ја дава, рече Пендаровски по посетата на заедничката училишна зграда во Пустец во која се изведува настава на македонски јазик во основно и средно училиште.
Пендаровски за учениците донираше литература од македонски писатели, за, како што рече, да помогнеме македонските деца да го знаат, да го учат и да го зборуваат македонскиот јазик и на таков начин да бидат постојано во контакт со својата татковина, со својата матица.
Според зборовите на директорот на комбинираното училиште Трајан Вангеловски тука наставата ја следат околу 100 ученици иако години претходно имало и по 700 деца.
-Емиграцијата си го направи своето. Околу 100 ученици се од прво до четврта година средно образование. Се учи на два јазика, македонски и албански. Од прво до петто одделение, значи во одделенска настава се се учи на македонски, а албанскиот јазик е како предмет што се изучува, а потоа од шесто до деветто одделение се учи албански и македонски. На албански се учат само природните науки: математика, физика, хемија, биологија, а другите се на македонски мајчин јазик. Во средно се учи само на албански јазик, а македонскиот е предмет, како англискиот, рече директорот Вангеловски.

Според него бројката на населението во Пустец драстично се намалува поради иселувањето. Голем дел од македонското малцинство заминува кон Македонија, во внатрешноста на Албанија, но и во европските земји и во САД и Канада.
-Условите нормално се подобруваат, има тешкотии како и секаде. Еве можам да кажам дека се обезбеди 24-часовно снабдување со вода во нашите домови, што значи тоа е супер. Лека полека. Патиштата беа уште полоши, а сега се подобрени. Може да се подобрат условите во инфрфаструктурата, во земјоделството, секаде има потреба за да се подобрат условите за и тука да се живее како и во другите места, вели нашиот соговорник.
Жителите на Пустец, тие што останаа во селото главно се занимаваат со риболов на Преспанското езеро, со земјоделство и сточарство помалку, а во последните години овој регион го посетуваат и странски туристи.

Македонците традиционално живеат во околу 50-тина села долж македонско-албанската граница во три етнички региони Мала Преспа, во округот на Корча, Голо Брдо во регионот на Пешкопеја и на северот на Албанија, односно Гора во регионот на Кукс.
-Овие региони се едни од најзапоставените во Албанија во изминатите 30 години. Нешто подобра е ситуацијата во Мала Преспа за разлика од Гора и Голо Брдо. Тие се и планински предели и се уште поизолирани од тука. Тука нешто последните години се помрдува. Изградбата на националниот парк пред неколку години, па сега последно водоводот во сите села и населби во Мала Преспа но има уште многу да се направи, вели Васил Стерјовски кој е поранешен пратеник во албанскиот парламент и претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Мала Преспа е предел кој изобилува со природни убавини и богато културно наследство, има пештерски цркви од 12 и 13 и 14 век како и целото подрачје на националниот парк Галичица.

-Фали главно инфраструктурата, значи патиштата внатре во селата и од Националниот парк до секое село, асфалитрање на сите патишта, изградба на канализација која ја има само во две села во Мала Преспа, водоводот веќе заврши. Проблем е исто така и електричната мрежа во селата. Има чести прекини на струјата поради застарена инсталација од 70-тите години, вели Стерјовски.
Она што албанската држава може да го помогне за да заживее регионот и за да се намали иселувањето од регионот на Мала Преспа се инвестиции во туризмот, уредување на градските плажи, пешачки и велосипедски патеки и внатрешна инфраструктура во делот на Пустец, за што веќе има и проект вреден во прва фаза околу 6 милиони евра за уредување на регионот на Преспа, Подградец и Химара, со германска помош.

-Сега Албанија не е тоа што беше пред 30 години. Секако дека многу е инвестирано, многу е испокрадено од тоа што е инвестирано, несоодветно инвестирано, но не е тоа изговор дека нема доволно средства бидејќи се работи за поминати 30 години. Како што се вели, по едно камче секоја година се ставаше немаше да зборуваме денеска за решавање на овие проблеми, вели Стерјовски и додава дека тие албански граѓани и како лојални граѓани на Албанија и редовни плаќачи на данок очекуваат повеќе капитални инвестиции од албанската влада.

Македонците од Пустец со кои разговаравме очекуваат и помош од македонската влада и нејзино поголемо заземање во делот на остварување на некои права, а реагираа и за одземените лични карти кои претходната влада им ги додели на жители на Пустец за да гласаат и да влијаат на изборниот процес во Македонија.
-Зошто јас да одам во Албанија да се лекувам во Македонија. А за да се оди таму на приватно колку ќе чини? Имав лична карта и пасош од Скопје му ги прекинаа. Зошто да му се прекине? Тој е Македонец. За да живееш тука, ни рекоа, вели еден жител.

Проблемите со кои се соочуваат Македонците во Албанија ги слушна и претседателот Пендаровски кој оствари средба со Стерјовски и претставниците на Здружението на Македонците од Албанија – СОНЦЕ, како и со градоначалниците на општините Пустец и Подградец, Пали Колефски и Илир Џаколи при посетата на овој регион.
-Ова е само почеток на една долга серија средби и тука и кај нас во Македонија со која ќе покажеме дека малцинстава кои живеат во други држави ги имаат истите услови како да живеат во своите матични држави. Значи она што Албанците го имаат во македонија да го имаат и го имаат Македонците кои живеат во Албанија и обратно. Во тој дел и Република Северна Македонија и Република Албанија можат да бидат пример за сите во Европа без исклучок, најави Пендаровски.

Претседателот Пендаровски заедно со својот домаќин албанскиот претседател Бајрам Бегај и сопругите ги посетија црквите „Свети Архангел Михаил“ и „Пресвета Богородица“ на островот Мал Град во Преспанското езеро, а Глобочeни, близу Пустец, претседателот Пендаровски и претседателот Бегај го посетија Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе. Во музејските простории, претседателите Пендаровски и Бегај и делегациите на двете земји остварија пленарна средба.

Со отворањето на пристапните преговори, отворени се нови перспективи и можности за двете земји, кои бараат поголема посветеност и преземање на сериозни реформски процеси. Двете држави треба да се фокусираат на инфраструктурните и енергетските поврзувања, на економската соработка, на ефикасно справување со ризиците од катастрофи и климатски промени, како и на предизвиците што ги носат безбедносните прашања.


