Средновековен ракопис за кралот Артур - Фото: Christie’s

ВИДЕО | Редок средновековен ракопис за кралот Артур стар повеќе од 700 години оди на аукција — проценет е на 2,3 милиони евра

Редок средновековен ракопис што ги опишува легендите за кралот Артур, волшебникот Мерлин и потрагата по Светиот Грал ќе биде понуден на аукција во Лондон, објави „Си-ен-ен“.

Станува збор за илуминиран ракопис од крајот на 13 и почетокот на 14 век, кој се проценува дека може да достигне цена од околу 1,5 до 2 милиони фунти, односно приближно од 2 до 2,3 милиони евра. Делото ќе биде изложено на продажба во јули кај познатата аукциска куќа „Кристис“.

Ракописот е познат како „Клермон-Тонерски Грал“ и содржи 126 минијатури изработени со златни листови и живописни илустрации. Тој е напишан на старофранцуски јазик и претставува дел од циклусот „Ланселот-Грал“, еден од најраните зачувани записи за легендите за кралот Артур.

Посебно внимание привлекува фактот дека делото никогаш досега не било јавно изложено, ниту подетално научно анализирано, бидејќи повеќе од 700 години било во приватна сопственост.

Меѓу илустрациите се наоѓаат сцени од животот на кралот Артур и витезите на Круглата маса, како и ретки прикази на волшебникот Мерлин во различни облици.

Според експертите, ракописот е еден од најстарите и најдобро сочувани примери од овој тип, а неговата продажба се смета за исклучително важен момент за историчарите и колекционерите на средновековни ракописи.

Од аукциската куќа „Кристис“ најавуваат дека станува збор за едно од највредните дела од оваа колекција, кое може да привлече голем интерес од институции и приватни колекционери ширум светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот