ВИДЕО | Ранко Петровиќ ексклузивно открива: „Златна бубамара на популарноста“ годинава ќе се одржи на 16 март
На Светскиот ден на радиото 13 февруари во студиото на „Утрински печат“ гостуваше Ранко Петровиќ, сопственик на најслушаното радио за 2022, радио „Бубамара“ и автор на најголемото телевизиско шоу кај нас „Златна бубамара на популарноста“.
Препорачано
По повод Светскиот ден на радиото и последните резултати од истражувањето на агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги радио „Бубамара“ е најслушаното радио за 2022, а Ранко за „Утрински печат“ изјави дека му е многу драго што имаме вакви резултати на крајот од годината и добро е да се знае дека радиото кое работи за своите слушатели, сѐ уште добро стои дури и во анкетите.
„Ние со нашиот тим во радио ‘Бубамара’ си ја сакаме својата работа. Се трудиме уште од 1994 година, да ги следиме трендовите, да наметнуваме трендови. Јас сум со радиото уште од 1989 година, бев и во Македонско радио како музички соработник, па Младинско радио, Студентско радио, за на крај да го основаме радио ‘Бубамара’. Во принцип, радиото како медиум, иако е старо 120 години, е медиум којшто е константен кај луѓето кои сакаат музика, пријатни вести и добри информации. Во ‘Бубамара’ ние се трудиме изборот на музика и песни да го следи и ритамот на денот, да се одбележуваат важните датуми, новите песни и на еден начин да биде убаво друштво на сите слушатели. Од 13 февруари имаме и нов слоган на радиото кој сега ќе биде ‘Радио Бубамара – добриот дух на главниот град’“, вели Ранко за работата на радио „Бубамара“.
Ранко во текот на разговорот зборуваше и за новите истражувања кои велат дека радиото најмногу се слуша во автомобил, и тоа поради подобро озвучување и лесен пристап до радио програмите, како и поради фактот што во денешно време се возат автомобили многу повеќе отколку пред 30 години.
„Златна Бубамара ја создадовме за да се види дека можеме да направиме едно вистинско телевизиско шоу во кое ќе се спојат и актерите и музичарите и спортистите. Шоу во кое ќе се дружат убави луѓе на едно место и секој ќе го прави она што најдобро го знае, еден да свири гитара, друг да пее, трет да кажува вицови. Кога ќе се спои таа енергија се доживува тоа што се доживува на ‘Златна бубамара’“, вели Ранко за манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.
Ранко ни откри и неколку детали за претстојното 26. издание на „Златна бубамара на популарноста“ и слоганот кој ќе ја одбележи годинава – „Да штедиме, ама да не се штедиме“.
„Ексклузивно за ‘Утрински печат’ ќе откријам дека оваа година ‘Златна бубамара’ ќе се одржи на 16 март, подготовките се во тек, речиси е готово и сценариото. Во овој период избираме и кој ќе добие награда и за што, а награди за животно дело ќе има две или три, но јас ќе ви откријам само една. Наградата за животно дело ќе ја добијат браќата Ѓорѓи и Миле Барбаровски, автори на многу наши познати песни, евергрини напишани за Блага Петреска, Гоце Арнаудов, Пепи Бафтировски и многу други.


