ВИДЕО: Пукањето во воздух е многу опасно, полицијата апелира граѓаните да слават без пушки и пиштоли
И оваа пролет, кога почнуваат бројните свадби и други веселби карактеристични за нашите средини во потоплите месеци, повторно масовно се пука од огнено оружје. Во полицискиот билтен секојдневно се забележуваат пријави за заскитани куршуми, кои неретко и повредуваат невини луѓе.
Препорачано
МВР секоја година се обидува да влијае и да апелира до граѓаните да престанат со овој примитивен обичај, но тој и натаму е широко распространет, а за пукањето по свадби ретко има пријави и апсења.
Според спроведени истражувања во светски рамки, стрелањето во воздух од пиштол или пушка е исклучително ризично и опасно, бидејќи испуканите куршуми можат да паѓаат со брзина од околу 300 километри на час и лесно можат и да убијат човек.
Според анализите на американската војска, жртвите на куршуми кои се испукани во воздух имаат неколкукратно поголеми шанси да загинат или да бидат тешко ранети (30 %) од повредените во сите други инциденти со пукање (2 % – 6 %), а ова се должи на многу повисоката веројатност да бидат погодени во главата или во вратот.
Со оглед на тоа што куршумите испукани во воздух не се движат по совршено вертикална патека, тие имаат параболичен пад и можат да патуваат со поголема брзина и да ја погодат жртвата откосо, под агол што уште повеќе може да ја зголеми смртоносната моќ на проектилот, велат експертите.
Последиците од пукањето во воздух на веселби и прослави се многу често трагични, а според проценките, илјадници луѓе годишно гинат и се ранети од куршуми истрелани при прослави, главно во Африка, на Блискиот Исток и во балканските земји. Еден од најпознатите трагични инциденти со пукање при прослава е она во 2021 година во Авганистан, кога славејќи го доаѓањето на власт, талибанците убија 17 луѓе, а ранија преку 20.


